„Ростех“ претстави подводен дрон кој ќе го брани Кримскиот мост од терористички напади

Слободан Ѓукиќ
„Нерпа“ во почетната фаза ќе биде вооружен со специјален тип подводно стрелечко оружје, а на барање на купувачите ќе може да се испорача и со интегрирана разорна боева глава. За него веќе покажаа интерес специјалните нуркачки единици на Росгвардија кои го чуваат Кримскиот мост.

„Ростех“ првпат го демонстрираше модел на беспилотен подводен апарат вооружен со посебен тип стрелечко оружје, изјави за информативниот портал РБК заменикот на главниот конструктор за вооружување и специјална техника во ЦНИИточмаш Олег Чикирев. Вкупната цена на развојот на овој проект е околу 10 милиони рубли. Се работи за борбениот подводен робот „Нерпа“, а заедно со научниците од компанијата ЦНИИточмаш над неговиот развој работат и инженерите од научно-производствената група МАКО (и едното и другото претпријатие се под „Ростех“).

„Ова е нашиот појдовен образец и во овој момент ги следиме реакциите на заинтересираните структури кои имаат потреба од вакво вооружување. Тоа пред сѐ се однесува на типот и видот на вооружувањето кое сакаат да го видат на овој робот. Место стрелечко оружје ние можеме да интегрираме во него и разорна боева глава од ТНТ“, истакна Чикираев. Според него, основната намена на беспилотниот подводен робот „Нерпа“ е ефикасна заштита на мостови и воени бродови од терористички диверзии.

 „Кога се впуштивме во реализација на проектот на подводен беспилотен робот, ние планиравме тој да биде интегрален дел на руската Воена морнарица, во рамките на морнаричката пешадија или единиците на Росгвардија“, објасни еден од водечките инженери на компанијата ЦНИИточмаш. Тој истакна дека неодамна беше пуштен во работа Кримскиот мост. „Овој мост го обезбедуваат специјални нуркачки единици на Росгвардија, на кои „Нерпа“ може да им биде од исклучителна полза“, истакна Чикирев.

Тактичко-технички карактеристики на роботот „Нерпа“

Се претпоставува дека максималната длабочина за ефикасна примена на „Нерпа“ ќе биде до 50 метри. Ефективниот домет на управување меѓу операторот и беспилотниот дрон ќе се реализира на далечини до 80 метри. Вкупната маса на „Нерпа“ нема да надминува 30 килограми. Неговата просечна пловна брзина на длабочина од 50 метри ќе изнесува 1 јазол (-2 км/ч), а максималната автономија на движење со едно полнење ќе изнесува 4 часа.

Прочитајте повеќе: Советската програма за развој на стратешко подводно вооружување може да се оствари во денешна Русија

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња