Советската програма за развој на стратешко подводно вооружување може да се оствари во денешна Русија

Слободан Ѓукиќ
Познатиот руски конструктор на торпедно вооружување Шамиљ Алиев истакнува дека се создадени поволни услови да се продолжи разработката на академикот Андреј Сахаров за создавање термонуклеарно суперторпедо кое според своите карактеристики и разорна моќ нема да има апсолутно никаква конкуренција во цветот.

Според Шамиљ Алиев, основната намена на ова оружје е уништување на објекти во крајбрежната зона на непријателот со разорно дејство на подводна експлозија. Тој додаде дека вакво оружје во минатото не било направено поради бесперспективната идеја или поради недоволната практична инвентивност на руските конструктори, поради недостигот од материјални средства со кои би се финансирал целиот проект.

Првите испитување на подводните торпеда со нуклеарна боева глава се одржани пред повеќе од 60 години на архипелагот Нова Земја¹. Во таа пригода употребен е модел на советско торпедо Т-5 кое можело да понесе нуклеарна боева глава со еквивалент од 10 килотони. По повеќе неуспешни обиди следувал успешен тест во Арктичкиот океан каде руски транспортен брод достави торпедо Т-5 кое успешно детонираше на длабочина од околу петнаесетина метри и кое во целост уништило помала група застарени подморници и површински бродови кои биле тука поставени за да се види разорниот ефект на оваа експлозија. За овој настан постои и видеоматеријал кој можете да го погледнете тука.

Познатиот советски нуклеарен научник Андреј Сахаров сметал дека врз база на торпедото Т-5 може да се развие подморничко оружје со армагедонска сила кое ќе биде опремено со термонуклеарна боева глава со еквивалент од 100 милиони тони ТНТ. Според замислата на советскиот/рускиот академик торпедото би го движело подводен ракетен мотор на нуклеарен погон. Торпедото би било долго 24 метри со дијаметар од 1.500 милиметри.

Се чини дека врз основа на овој проект руските конструктори го имаат развиено подводниот беспилотен дрон „Посејдон“ (Американците истиот овој проект го нарекуваат „Кањон“) со дострел од 10.000 километри кој наводно може да носи термонуклеарна боева глава која по својата јачина ќе биде посилна од „Цар“ бомбата.

Русија може да се пофали дека го има направено најјакото конвенционално торпедо на светот кое е специјално проектирано за уништување на најголемите пловни објекти во морињата и океаните, како што се на пример носачи на авиони или атомски ракетни крстосувачи. Станува збор за самонаведувачкото торпедо 65-76А „Кит“ со калибар од 650 милиметри кое во седумдесеттите години од минатиот век го разви концернот „Хидроприбор“. Неговата боева глава е речиси двојно посилна од стандардните конвенционални торпеда со калибар од 533 милиметри и е составена од речиси 600 килограми високобризантен експлозив што гарантира уништување на најголемите површински бродови. Корисната носивост на торпедото овозможува на него д се интегрира и нуклеарна боева глава. Ефективниот дострел на ова торпедо е околу 50 километри². Се движи со гасотурбински мотор кој на ова торпедо му овозможува за време на своето крстосување  под вода да достигне брзина поголема од 120 километри на час. Главниот атрибут на ова торпедо е максималната покриеност на неговото лансирање, така што подморницата што го носи може да изврши испукување од длабочина од 480 метри. Ова торпедо се наоѓаше во вооружувањето на офанзивните (ловечки) и стратешки атомски подморници-ракетоносци, но по катастрофата која се случи со нуклеарната подморница К-141 „Курск“ (класа „Антеј“) е повлечено од употреба зашто се утврди дека токму „Кит“ е главниот причинител на несреќата во која загинаа сите 118 членови на екипажот.

¹ Нова Земја е руски архипелаг во Арктичкиот океан во областа на 60 степен северна географска ширина. Составен е од два главни острови и повеќе помали во околината. Површината на архипелагот изнесува околу 90.650 километри квадратни.

² Постојат податоци дека торпедото „Кит“ може при ограничена брзина на движењето од околу 60 километри на час да погоди цел на оддалеченост и до 100 километри.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња