Русија против целосна забрана на „роботи-убијци“ која ја поддржува Кина

Getty Images

Кремљ не се согласува со предлогот на 26 земји за откажување од смртоносни автономни системи на оружје.

Претставници на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација изјавија за весникот „Комерсант“ дека Русија се противи на воведувањето правни ограничувања или забрани во врска со „роботите-убијци“ – смртоносни автономни системи на оружје (САС).

Кремљ го изнесе својот став во пресрет на преговорите кои под закрила на ОН ќе бидат одржани во Женева кон крајот на месецов. Во рускиот надворешнополитички ресор се нагласува дека наведените земји разгледуваат техника чии примероци во реалноста не постојат, за која имаат „површни и шпекулативни“ претстави, а тешко им е и да го дефинираат самиот термин САД. Се нагласува дека цивилните и воените разработки во сферата на автономните системи не се јасно разграничени. Меѓународно-правната рамка по тој повод, како што се наведува, не треба да се менува, бидејќи за „засега непостојните системи на оружје“ е доволно меѓународното право.

Иницијативата за забрана на САС ја поведоа неколку земји, меѓу кои се Австрија, Аргентина, Бразил, Боливија и Ватикан. Поддржана е од 21 земја, вклучувајќи ја и Кина, единствената земја-членка на Советот за безбедност на ОН од таа листа.

Логиката на иницијаторите на радикалните мерки е следнава, пишува „Комерсант“. Технологиите на вештачката интелигенција се развиваат со голема брзина, а појавата на потполно автономни машини, кои се во состојба да донесуваат одлуки и делуваат без човечка контрола, не е далеку. Државите инвестираат, како што се наведува, значителни средства во примената на тие технологии во воени цели, а цела низа земји имаат во вооружувањето на своите армии системи со елементи на вештачка интелигенција, од интеграции во системите за противвоздушна одбрана до „јата“ беспилотни летала кои можат да напаѓаат „во роеви“, роботи-стражари и уреди за неутрализирање на експлозивни направи, пишува весникот. Значи, за пет до десет години светот би можел да се соочи со појавата на роботи-убијци на боиштето, а тие ќе можат самостојно да ги одбираат целите и да ги напаѓаат, заклучува „Комерсант“.

Весникот додава дека САД, Велика Британија, Франција, Германија, Израел, Јапонија и Јужна Кореја засега не се подготвени на разгледување на мораториум на создавање автономно оружје. Русија притоа соопшти дека е подготвена да ја поддржи иницијативата на Франција и Германија за усвојување на политичка декларација за задржување на човечката контрола над борбените роботи.

Преговорите на групите владини експерти за смртоносните автономни системи на оружје ќе бидат одржани од 27 до 31 август во Женева. Во преговорите ќе учествува делегација од Русија. Се работи за трет состанок посветен на оваа тема. Првиот беше одржан во декември минатата година, а вториот во април оваа година.

Прочитајте повеќе: Доаѓа ли Терминатор? Вештачката интелигенција ги плаши и Русите и Американците

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња