Воена вежба на силите на Јужниот воен округ на полигонот Прудбои. 29 август 2016, Волгоградски регион, Русија. Извор: Дмитриј Рогулин/ТАСС
Дмитриј Рогулин / ТАССБеспилотните летала во руската армија засега учат да го напаѓаат непријателот додека крстосувачките ракети тоа одамна умеат да го прават. Најмодерните паметни ракети од типот „Гранит“ и „Оникс“ го уништуваат непријателот со сопствен ум и снаодливост.
Веќе сега постои софтвер кој овозможува истовремено да раководи со група од шест летала, вели за „Руска реч на македонски“ првиот човек на научно-производствената компанија „Сетецентрические платформи“ Александар Мочалкин. На тестирање е преносот на извидувачките податоци реализиран од различни агли, благодарение на што е направен тродимензионален модел на теренот. Во перспектива „ројот беспилотни летала“, според конструкторот, ќе напаѓаат непријателски авиони, хеликоптери и крстосувачки ракети.
Принципот според кој функционира овој систем е релативно едноставен: на беспилотното летало се поставува специјален софтвер и хардвер кој го регулира однесувањето на дронот во однос на другите учесници на „ројот“, а исто така и неколку сензори за ориентација во просторот.
Сергеј Савостјановв / ТАСС
Сепак, во оваа фаза никој нема да испрати дронови да војуваат самостојно. Сега нивната работа ја контролираат оператери со далечински управувач во рацете.
Мочалкин не можеше да прецизира кога ќе биде направен следниот чекор во насока на посамостојно функционирање на системот.
„И да е решен принципот на самоорганизирање на роботите, сепак засега не е постиганото ниво на кое тие можат да носат самостојни одлуки во ситуација која се менува. Тоа значи дека предложениот систем ќе биде само роботизиран комплекс, односно решавањето на поставената задача нема да може да биде возможно без оператор“, додава тој.
Во тесноспецијализираниот сектор на стратешките нуклеарни сили за одвраќање и на военоморското вооружување руските научници уште во седумдесеттите години од минатиот век успеаја да ги направат првите ракети со вештачка интелигенција.
Меѓу нив е „Гранит“ – супертајна противбродска крстосувачка ракета на воената морнарица на Русија (според класификацијата на НАТО SS-N-19 Shipwreck – „Бродолом“). Ова е прв систем за вооружување кој има вештачка интелигенција слична на човечката. Поради брзината, непредвидливоста и моќта доби назив „убиец на носачи на авиони“. Оваа ракета ја поседуваат нуклеарните ракетни крстосувачи од проектот 1144 „Орлан“ и офанзивните подморници од проектот 949 „Антеј“.
„Особеноста на системот за наведување на ракетата кон целта е во тоа што во софтверот е забележан електронскиот и физичкиот портрет на странските воени бродови“, вели за „Руска реч на македонски“ Владимир Пољаченко, соработник на музејот на военоиндустриската корпорација „Научно-производствената организација за машиноградба“, каде е направен овој систем.
Според него, не станува збор само за размерите и контурите на објектот, ами и за податоци за различни електромагнетни и други полиња што ги поседува само тој тип бродови.
„Софтверот има и чисто тактички податоци за типот на бродските формации што му овозможува точно да определи на која формација се приближува ракетата – на конвој на носач на авиони со придружни бродови или на десантна група бродови – и да ги нападне главните цели“, додава тој.
Крстосувачот и подморницата имаат 24 ракетни лансери во кои се наоѓаат „Гранити“. Овие ракети се испукуваат во плотун. Првата лансирана ракета ќе ги „чека“ сите кои одат по неа, заклучно со дваесет и четвртата, и сите тие ќе извршат маневри во близина на точката од која се лансирани.
„Кога сите ракети ќе се најдат во воздух тие прават формација и започнуваат напад. Само една од нив може да ја види целта, а таа на останатите 'им ја јавува' локацијата и карактерот. Таа предлага тактика на напад и дели улоги, односно определува која ќе нападне, а која ќе се жртвува со привлекување на непријателската противвоздушна одбрана. Потоа започнува борбата“, истакнува експертот.
Кога ќе ја уништат главната цел, ракетите веднаш повторно распоредуваат задачи и започнуваат со уништување на останатите цели, повторно почнувајќи од најважната.
Невозможно е да се избегне средба со ројот „Гранити“. Овие ракети летаат со хиперсонична брзина и интензивно маневрираат, така што современите радари практично не ги гледаат. Нивниот напад може да се воочи само визуелно, кога главно повеќе нема време за донесување одлука за самоодбрана.
Наместо ракетата „Гранит“ руската морнарица веќе ги добива најмодерните ракети П-800 „Оникс“ (според класификацијата на НАТО SS-N-26 Strobile). Тие се помали од „Гранит“, но го имаат наследено неговиот систем на вештачка интелигенција.
Според заменик министерот за одбрана Јуриј Борисов, Министерството за одбрана донело одлука да ги модернизира руските нуклеарни подморници од проектот 949 од типот „Антеј“ и тешките нуклеарни ракетни подморници од проектот 1144 од типот „Орлан“. Наместо 24 „стари“ ракетни системи „Гранит“ во секој слободен ракетен лансер ќе бидат поставени три контејнери со ракети „Оникс“.
Исто така наместо сегашните 24 бродовите ќе добијат 72 хиперсонични крстосувачки ракети, благодарение на кои бродовите ќе станат вистински морски тврдини во океанот. Првиот крстосувач од проектот 1144 „Адмирал Нахимов“ веќе е укотвен во Северодвинск и го чека новото вооружување, а на рускиот Далечен Исток е укотвена првата подморница од проектот 949.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче