Луѓето не веруваат дека добро ќе се сложуваат со напредната технологија, позната како вештачка интелигенција, зашто се плашат дека вештачкиот ум ќе ги замени луѓето и дека радикално ќе го промени нашиот свет. Според анкетата спроведена меѓу учесниците на истражувањето ВижнХек 2017, само 16 отсто од Русите и 15 проценти од Американците веруваат дека е можен мирен соживот.
„Истражувањето е еден од првите обиди за анализа на мислењето на Русите и на Американците за едно од најважните прашања на нашето време“, вели Ољга Ускова, претседател на компанијата „Когнитив технолоџис“ и соорганизатор на истражувањето. „Како развивачи на делот на вештачката интелигенција сакаме да го дознаеме ставот на јавноста“.
Во истражувањето учествувале околу 22 илјади Руси и 5.7 илјади Американци. Просечната возраст на испитаниците во Русија била 27 години, а во САД 29.
И покрај мрачното становиште, луѓето сè уште се надеваат дека роботите би можеле да ја подобрат еколошката ситуација и да му обезбедат на човештвото енергија и храна; повеќе од 50 отсто од испитаниците во обете земји се потпираат на тоа дека машините ќе помогнат во решавање на овие проблеми.
Способноста на вештачката интелигенција да ги реши воените судири, да создаде рај на Земјата и да ги реши проблемите на очекуваниот животен век и на бесмртноста, сепак, е под знак прашање. Само 4 отсто од Русите и 16 проценти од Американците веруваат дека вештачката интелигенција може да помогне во постигнувањето на глобалниот мир, на просперитетот и на среќата.
Истовремено, 59 отсто од Русите и 67 проценти од Американците се сигурни дека вештачката интелигенција ќе ја зголеми општествената нееднаквост. Освен тоа, 63 отсто од Русите и 85 проценти од Американците сметаат дека понатамошниот развој на вештачката интелигенција ќе доведе до зголемување на невработеноста.
„ВижнХек 2017“ е меѓународно студентско истражување посветено на вештачката интелигенција и на компјутерскиот вид, кое се одржа во Москва од 11 до 13 септември во организација на Националниот истражувачки технолошки универзитет „МИСИС“ и руската компанија „Когнитив технолоџис“ која развива делови за автономни возила. На овој настан се собраа екипи од водечките универзитети ширум светот, вклучувајќи ги МИТ, Универзитетот Кембриџ, Хонгконшкиот универзитет за науки и технологии, Политехничкиот универзитет во Каталонија и многу други.
Главната тема на настанот беше компјутерскиот вид во примената на автономни возила, а целта беше да се создаде нивен сопствен интелигентен систем за асистенција на возачот или напреден систем за асистенција на возачот (ADAS - Advanced Driver Assistance System).
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче