Американски експерти: Русите градат воен брод со досега невидена огнена моќ

Атомскиот ракетен разурнувач „Лидер“

Атомскиот ракетен разурнувач „Лидер“

Слободан Ѓукиќ
Атомскиот ракетен разурнувач „Лидер“ ќе има преку 200 вертикални ракетни лансери во кои ќе има хиперсонични ракети „Циркон“, специјално проектирана поморска верзија на ракетата „Кинжал“, крстосувачки ракети „Калибар“, поморска верзија на ракетниот систем за ПВО и ПРО С-500 „Прометеј“, С-350 „Витез“...

Ескадрениот разурнувач „Лидер“ (Проект 23560) ќе биде „највооружениот воен брод на светот“ и со самото тоа голем проблем за потенцијалните противници, истакнува американскиот интернет портал Military Watch.

Како што се наведува во текстот што го пренесува рускиот интернет портал РИА „Новости“, „Лидер“ ќе има такви карактеристики кои постојните бродови едноставно нема да можат да ги следат.

Перспективниот разурнувач ќе биде вооружен со ракетни системи кои се пандан на вооружувањето кое се наоѓа на кинески воен разурнувач од класата 055. Рускиот „Лидер“ секако ќе има уште подобри системи кои ќе бидат интегрирани на неговата палуба, наведува изданието. Се смета дека ќе има интегрирана поморска верзија на противвоздухопловниот и противракетен систем со голем дострел С-500 „Прометеј“, кој ќе го штити бродот или цела ескадра бродови од напади од воздух. Покрај него тука секако ќе се најдат и моќни противвоздушни ракетни системи со краток, среден и голем дострел, како што се поморската верзија на хибридниот топовско-ракетен комплекс „Панцир-С1“, потоа ракетниот комплекс „Полимент-Редут“ и перспективниот С-350 „Витез“. Американските стручњаци сметаат дека ваква исклучително респектабилна конфигурација на ПВО вооружување ќе има „решавачко значење“ при обезбедувањето на ударната група со носач на авиони (рускиот проект „Шторм“ и модернизацијата на „Адмирал Кузнецов“) од напади од воздух.

„Овој разурнувач ќе има речиси 200 вертикални лансери на ракети кои ќе го применуваат тнр. „студено лансирање“ (активирање на основниот ракетен мотор по напуштањето на лансирниот контејнер – нешто слично како кај системот С-300). Во огромна количина на лансерни контејнери (над 200) кои ќе бидат распоредени на бродот, ќе се наоѓа цел спектар различно ракетно вооружување од класата „вода-воздух“, „вода-вода“, „вода-земја“ итн...“, заклучува Military Watch.

Авторот на текстот забележува дека проектот 23560 во своето вооружувања најверојатно ќе има и крстосувачки ракети „Калибар“. Особено застрашувачки делуваат прогнозите дека „Лидер“ во своето вооружување ќе ги има и хиперсоничните ракети од класата „вода-вода“ „Циркон“, како и специјално проектирана поморска верзија на ракетата „Кинжал“. Ова во голема мера ќе ја загрози досегашната американска доминација во морињата, која за нив има егзистенцијално значење.

Американските експерти предупредуваат дека изработката на ваков супервооружен брод кој освен морињата, копното и воздухот, ќе го покрива уште и космосот, ќе ѝ го врати на Русија статусот на поморска воена сила.

Проектот на атомски разурнувач од нова генерација „Лидер“ е вклучен во државната програма за опремување на вооружените сили (ГПВ) која е конципирана да се реализира во периодот 2018–2025 година. Оваа информација за агенцијата ТАСС ја пренесе извор кој се наоѓа во состав на руската делегација на Меѓународниот воено-поморски саем во Санкт Петербург.

Инаку, изградбата на перспективниот разурнувач ќе трае најмалку 5 години. Тој најверојатно ќе се гради на бродоградилиштето „Севернаја верф“ во Санкт Петербург. Ова бродоградилиште во последно време интензивно се модернизира со цел оспособување за изградба на најсложени површински пловила, како што е и овој брод. Во секој случај, до 2025 година руската флота ќе биде посилна за најмалку еден супер-разурнувач од класата 23560 „Лидер“.

Руската ВМФ планира во својот борбен состав да прими група од вкупно 12 вакви бродови кои ќе бидат во состав на Тихоокеанската и Северната флота.

Прочитајте повеќе: „Лидер“ ќе ја изнесе Русија во светските води

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња