Каков ќе биде рускиот ловец од генерацијата 6++?

Слободан Ѓукиќ

Со руските ловци од генерацијата 6+ и 6++ ќе управува вештачка интелигенција. Тие ќе функционираат во беспилотен режим и ќе бидат опремени за радиоелектронско војување. Ова го објави агенцијата ТАСС, повикувајќи се на изјавата на претседателот на комисијата на Државната Дума за правно регулирање на развојот на воената индустрија Владимир Гутењов.

„Еден од главните правци на развој на ловечката авијација ќе биде сѐ посериозното воведување на вештачка интелигенција. Не само на нејзини одделни елементи, туку на комплексен систем за борбено управување, за да можат авионите од генерацијата 6+ и 6++ да функционираат потполно автономно, во реим на сериозно радиоелектронско војување и, пожелно, во беспилотна варијанта“, објави агенцијата.

Според мислењето на Владимир Гутењов, можностите на овие авиони ќе бидат значително унапредени затоа што беспилотно летало не мора да поседува систем за одржување на виталните функции на човекот. Тоа, на пример, повеќекратно ќе ја унапреди ефикасноста на радиоелектронското војување.

Додека, од друга страна, повеќе нема да биде актуелно прашањето за зголемување на суперманеварските способности на леталата. „Способноста за маневрирање практично нема потреба да се усовршува. Управувањето со векторот на потисок и така овозможува постигнување на исклучителни маневарски способности. Нема да биде од суштинско значење ни зголемувањето на брзината, таа ќе биде незначително поголема од брзината на звукот“, смета Владимир Гутењов.

Меѓутоа, кога авионот ќе лета во режим со дополнително согорување на горивото тој ќе се приближува и до хиперсонични брзини. Благодарение на тоа, леталото ќе може многу брзо да го напушти реонот под контрола на одбраната на противникот. А користењето на адитивни технологии и композитни материјали ќе го направи авионот попогоден за ремонт и модернизација. Притоа се работи за постепена модернизација, која подразбира значително унапредување на карактеристиките на авионот секои четири години без промена на основната конструкција.

Претходно беше објавено дека Русија веројатно ќе ги сосредоточи своите сили на конструирање на ловец од шеста генерација кој ќе биде преодно летало кон беспилотниот интелигентен офанзивен систем БИУК. Тоа ќе биде можно благодарение на интензивниот развој на технологиите во сферата на радиоелектронското војување и новите композитни материјали, како и благодарение на постигнатиот напредок во сферата на адитивните технологии.

Прочитајте повеќе: Најскапото руско оружје на иднината

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња