Зошто руската армија не се откажува од рачниот фрлач РПГ-7?

alamy
Тој е евтин, компактен и моќен, станува збор за советскиот рачен фрлач на ракети РПГ-7 кој како и својот легендарен земјак Ак-47 се прослави во голем број мали и големи вооружени судири и кој наскоро ќе наполни цели 60 години. Неговиот уникатен дизајн и универзалност му даваат неверојатна способност за регенерација со која и до денешен ден останува мошне актуелен.

Постојан став за непријателските тенкови

РПГ-7 е направен како средство за борба со тенкови на блиски растојанија кои не надминува оддалеченост од 500 метри. Во вооружувањето на советските армии влезе во далечната 1961 година. Претставува убедливо најмасовен рачен фрлач на ракети на светот, а во разни земји го има во повеќе од десет милиони примероци. Се одликува со едноставен, отпорен и сигурен дизајн, кој го краси висока борбена ефикасност на фронтот што му дава предност во однос на другото, технолошки посовршено вооружување.

„Современите противтенковски ситеми кои за волја на вистината даваат висока веројатност за уништување на целта со една ракета се мошне поскапи во однос на РПГ-7 кога ќе се земе превид неговото производство, експлоатацијата и одржувањето. Накусо, РПГ-7 нема конкуренција кога станува збор за оваа карактеристика“, истакна за РИА Новости експертот за стрелечко оружје Максим Попенкер. Притоа, современите видови гранати кои во меѓувреме се развиени за РПГ-7 можат да уништат или тешко да ги оштетат основните борбени тенкови заштитени со најсовремената оклопна заштита. Освен тоа, РПГ-7 во практика се покажа како универзално оружје за јуришната пешадија зашто со него освен тенкови може да се онеспособат и други оклопни цели како што се борбените транспортери, тешките оклопни автомобили MRAP, борбени возила на пешадијата итн. Со дејство од РПГ-7 во блиска борба успешно се неутрализираат непријателски бункери, утврдени огнени положби зајакнати со вреќи со песок и со камени блокови, митралески и снајперски гнезда во станбени објекти, односно сето она што не може да се неутрализира со стандардна пешадиска муниција. Поради таа своја универзалност го нарекуваат и „рачна“ артилерија.

Ако употребата на „паметна“ ракета вредна неколку десетици илјади долари е економски оправдана во борбата против современите тенкови, тогаш нејзината употреба против утврдените цели во кои се наоѓа, да кажеме непријателски митралезец или снајперист, е сосема неисплатлива. Во интензивен воен судир доаѓа до брзо исцрпување на резервите на високопрецизно оружје, така што војската во еден момент може да остане без муниција кога станува збор за современ противтенковски ракетен систем. Значи, масовната присутност на „седмицата“ во пешадиските единици и водови во голема мера ја штеди употребата на многу посложената и поскапа муниција како што се наведувачките ракети.

Планетарна популарност како и кај АК-47

РПГ-7 не е распространет само на просторот на поранешниот Советски Сојуз, ами и на запад, вклучувајќи ги и САД.

„Американците одамна се запознаени со тактичките можности од примената на ова оружје и многу го ценат. Муницијата што ја користи РПГ-7 може да се најде практично секаде. Мошне е достапна. Експедициските сили на САД за таа намена користат муниција за РПГ-7 која е од бугарско, од кинеско или од советско потекло. На крајот на краиштата, Американците исто така применуваат софистицирани противтенковски ракети, но како што споменав претходно, нивното количество е неспоредливо помало во однос на едноставните, неуправувачки гранати кои ги има со милиони“, истакнува Попенкер.

Тоа отиде толку далеку што Американците кон крајот на минатата деценија направија своја модификација на РПГ-7, а подоцна во производство пуштија и сопствена муниција која треба да го користи овој ракетен фрлач. Американската копија на советскиот фрлач главно е наменета за извоз во странство. Така, кон крајот на 2017 година приватната американска компанија од Тексас AirTronic USA ја извести јавноста за испорака на рачните ракетни фрлачи PSRL (име за американската копија на советскиот РПГ-7) во Украина. Се претпоставува дека украинските безбедносни сили имаат набавено 500 вакви рачни фрлач.

Решителен стрелец со него може сѐ

Модернизацијата на РПГ-7 во основа се сведува на воведување нови типови гранати со зголемена ефикасност. За повеќекратно зголемување на пробојноста на оклопот развиени се проектили кои имаат тандем-кумулативни боеви глави кои мошне успешно можат да пробијат современ оклоп заштитен со реактивни динамички плочи. За уништување на непријателската жива сила на отворен простор и во утврдени објекти, се користи муниција која има шрапнелно-разорно и термобарично дејство. Ова е особено ефикасно на терен каде непријателот користи голем број природни и вештачки препреки од кои дава активен отпор, особено во моменти кога нема поддршка од страна на сопствената авијација и артилерија.

Исто така, модернизираните верзии на РПГ-7 содржат и извесни промени кога станува збор за дизајнот, како и сериозни видови нишански уреди како што се новите оптички нишани со електронски далномер и можностите за нишанење во услови на намалена оптичка видливост/ноќ.

Покрај сите добри страни кои го красат РПГ-7, тука има еден недостаток кој се однесува на активно-реактивниот принцип на испукување на гранатата кој создава експлозивен ефект кој се распространува зад грбот на стрелецот. Ова оневозможува дејство од затворени објекти зашто во тој случај стрелецот може да претрпи изгореници или контузија поради детонациите. Исто така, и останатите учесници во текот на борбата мораат да обрнат внимание на оваа опасност. Стрелецот мора јасно да ги предупреди своите соборци непосредно пред дејството.

Уште една слаба точка во употребата на овој ракетен фрлач е неможноста за управување со ракетата кога таа ја напушта цевката. Гранатата лета во строго дефинирана насока која е одредена непосредно пред испукувањето и на неа повеќе не може да се влијае. Ова има влијание на вкупната прецизност и изискува еден посебен вид вештина и храброст која мора да ја поседува нишанџијата кој дејствува со ова оружје.

Постојат голем број примери каде со РПГ-7 се соборувани дури и хеликоптери, иако стручњаците сметаат дека во тој случај станува збор за случаен погодок.

Сѐ уште не е време за дефинитивно збогување

Не постојат сомнежи дека на ваквата концепција на оружје ѝ тежат годините, а можеби и децениите во оперативната употреба. Ова оружје е едноставно незаменливо во локалните конфликти со низок интензитет каде пешадијата дејствува без поддршка од потешка борбена техника.

Неговата можеби и најголема тактичка вредност е малата тежина. Заедно со „букет“ ракети може да го носи само еден војник-стрелец. Во комбинација со шрапнелно-разорни и термобарични гранати, стрелецот во своите раце има едно универзално оружје кое освен оклопната техника мошне ефикасно уништува и бетонски утврдувања во кои се наоѓа живата сила на непријателот.

Руската армија во своето вооружување поседува модернизирана верзија на РПГ-7/В2 која има и падобранска варијанта РПГ-7/Д2. Со интеграција на современи нишани ефективниот дострел на овој фрлач е зголемен на 700 метри.

Без оглед на појавувањето на помоќни еднократни противтенковски ракетни фрлачи како што се РПГ-26 „Аглењ“, РПГ-27 „Таволга“, РПГ-30 „Крјук“ популарната „седумка“ уште долго време нема да го види своето заминување во заслужена пензија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња