Видео: Што сè може тешкиот митралез „Корд

Владимир Аносов/РГ
На молба на „Росијскаја газета“ командата на Јужниот воен округ покажа како изгледа вежбовно гаѓање од митралезот со голем калибар Корд, а новинарот направи и куса снимка.

Тестирањето на оружјето е извршено на полигонот Мољкино во близина на градот Горјачи Кључ во Кубањ, на југот од Русија. Митралезот Корд наменет за вежбовно гаѓање е поставен на оклопното возило Тигр, а како мета е користена плоча која војниците ја нарекуваат Гонг.

На цивил кој никогаш претходно толку близу не го видел Корд, оружјето остава впечаток само со својот надворешен изглед. Повеќе личи на топ, одошто на митралез. А, кога ќе почне да гаѓа, човек без искуство, не очекувајќи толку силен звук, едноставно седнува. Чувството е како да пука хаубица. Калибар 12.7 милиметри, брзина на стрелба 650 куршуми во минута, маса нешто поголема од 30 килограми. Сепак, Корд се смета за најлесен митралез на светот кој има држач и толкава брзина на испукување, пишува авторот на текстот.

Како што наведува тој, муницијата е специфична, куршумите се со челично јадро, и така се конструирани за лесно да пробиваат оклоп од неколку милиметри, ѕид од тули и сите панцирни елечиња и воени шлемови.

За во практика најдобро да се види пробојната моќ на Корд користени се две вреќи наполнети со земја и сo големи парчиња бетон. Непосредно по гаѓањето увидено е оштетување на една од вреќите. Имено, 40 килограми земја и бетон беа разорени, а на местото каде е погодена метата има дупка со пречник од 30 сантиметри.

Митралезот Корд е наменет за борба против лесни оклопни цели на оддалеченост до два километри. Но, поради големата брзина на огнот се користи и како противвоздушен митралез. Токму во тоа својство се поставува, да кажеме, на купола од тенкот Т-90.

Како што се наведува, впечатокот што го произведува Корд во пробното гаѓање е тешко да се опише – оружјето е моќно, со голем дострел, згодно и не бара многу за користење. На неговото создавање му претходеше советскиот митралез Утјос кој во вооружувањето на војската на СССР беше дваесет години. Според димензиите и основниот дизајн Корд потсетува на овој митралез, надминувајќи го притоа во голема мера според борбените карактеристики. Производителите на оружје ги имаат земено предвид сите мани кои се покажани за време на користењето на Утјос.

Во овој момент митралезот со голем калибар Корд може без претерување да се карактеризира како уникатна разработка на руската одбранбена индустрија која надминува многу странски конкуренти, пишува РГ.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња