Строго доверливо
Новото оружје на највисоките советски официјални лица им е претставено непосредно пред избувнувањето на војната. Обичниот камион на кој се монтирани неколку шини со ракети не ги импресионирал веднаш. Но, кога ја испукал ракетата сите занемеле. Меѓу првите на себе си дошол министерот за одбрана Семјон Тимошенко, луто карајќи го својот заменик: „Зошто не сте ми кажале дека имаме вакво оружје?“. Конечната одлука за почеток на производство на Катјуша е донесена на 12 јуни, еден ден пред германските трупи да ја преминат советската граница. Само неколку часа пред почетокот на војната Јосиф Сталин го одобрил масовното производство на ракетниот фрлач со повеќе цевки.
Новото оружје било строго доверлив проект. Секоја Катјуша имала уред за самоуништување со помош на кој би можела да биде трајно оштетена пред Германците да дојдат до неа. Полковите со Катјуши биле нарекувани „Гардиски минофрлачи“ за да не биде очигледно дека поседуваат ракетен фрлач со повеќе цевки.
„Непознато оружје“
Официјалниот назив на оружјето бил БМ-13. БМ значело борбено возило, а 13 се однесувало на калибарот на ракетите. Првата експериментална единица која била составена од седум БМ-13 под команда на капетан Иван Фљоров за првпат излегла на бојното поле на 14 јули кај белорускиот град Орша (500 километри западно од Москва). Орша бил голем сообраќаен јазол кој силите на Вермахтот веќе го зазеле.
Тука биле сконцентрирани голем број трупи и многу оружје. Во својата прва борба Катјуша ги надминала сите очекувања на советскиот воен врв: Орша е уништена. Фрлачите на ракети со повеќе цевки го ракетирале реонот и набрзо се оддалечиле. Началникот на Врховната команда на германската војска Франц Халдер во својот дневник пишувал за овој настан: „Русите користеа досега непознато оружје. Дождот од проектили ја запали железничката станица во Орша, ги уништи сите трупи и воената опрема. Металот се топеше и земјата гореше“.
Брза и жестока
Шокот и разорувањето кое кај непријателот го предизвикале Катјушите главно се последица на тоа што една батерија на фрлачите со повеќе цевки за само неколку секунди може да произведе голем број експлозии и притоа да опфати големо подрачје. Огнената моќ на ваквата канонада може да се спореди со работата на 70 тешки топови. Но, за разлика од традиционалната артилерија, БМ-13 биле мобилни системи кои можеле брзо да ја менуваат положбата. Затоа е тешко да се лоцираат. Ракетите на Катјуша, меѓу другото, се проектирани така што оставаат минимална трага, па не било можно да се утврди локацијата на батеријата и да се возврати нападот. Од 1942 година лансерите се наоѓале на американските камиони Studebaker кои Советскиот Сојуз ги добил преку програмата на Законот за заем и наем. Овие мобилни камиони биле идеални за Катјуша.
Откако новото оружје се покажало ефикасно во борба, формирани се бројни нови единици со фрлачи на ракети со повеќе цевки и биле упатени на фронт. Катјуша станала распространето советско оружје и еден од главните симболи на Втората светска војна за Русите.
Батеријата на капетан Фљоров се борела до почетокот на октомври во обид да го спречи напредувањето на Вермахтот кон Москва. Потоа неговата единица била опколена во Вјазма (300 километри западно од Москва). Војниците ја испукале сета муниција што ја имале и го кренале оружјето во воздух. Германците не успеале да го заробат ниту оружјето, ниту војниците, зашто единицата се борела до смртта на последниот војник. Капетан Фљоров е постхумно одликуван.
Германците не успеале да направат копија
Германците најмногу сакале да се запознаат со конструкцијата на новото руско оружје, но минало многу време за да успеат да дојдат до него. Се зборува дека на Германците тоа им било толку важно што задачата му ја довериле на познатиот германски есесеовец полковникот Ото Скорцениј. Но, кога нацистите конечно ја добиле Катјуша не успеале да ја копираат. Она што не успеале да го направат е специјалниот барут кој бил користен во советските ракети. Тој не оставал трага, а им овозможувал на ракетите стабилен и долг лет.
Германците имале своја верзија на ракетен фрлач со повеќе цевки, Небелверфер, лансер со шест цевки. Но, тој не можел да испука толку ракети колку што можела Катјуша (која обично имала 16 ракети) и не бил мобилен, имал помал дострел, а по испукувањето ракетата оставала долга трага на небото која укажувала на локацијата на оружјето. Германците не успеале да конструираат свој ракетен систем со повеќе цевки.
Име на девојка
Зошто оружјето го добило името Катјуша? Па, Катјуша во тоа време била мошне популарна песна за една девојка која копнее по својот љубен кој е во војска и ја чува границата. Според друга верзија, буквата „К“ се наоѓала во рамката на ракетниот фрлач зашто се произведувал во фабриката „Коминтерн“ во Воронеж. Според третата легенда Катјуша била девојка на еден руски војник кој го одржувал оружјето.