Бродот „Шквал“ со ракети „Калибар“ ќе биде спуштен во вода во Санкт Петербург

„Пелла“
Малиот ракетен брод „Шквал“ од класата бродови од проектот 22800 „Каракурт“ кој се гради за Воената морнарица на Русија ќе биде спуштен во вода во санктпетербуршкото бродоградилиште „Пелла“ на 5 мај, изјави претставникот на одделението за информирање и медиуми на Министерството за одбрана на РФ за Воената морнарица капетан прва класа Игор Дигало.

Во бродоградилиштето „Пелла“ за петти мај е закажано свечено спуштање во вода на вториот сериски мал ракетен брод од проектот 22800.По наредба на командантот на Воената морнарица на Русија адмирал Владимир Корољов, бродот го доби името „Шквал“, изјави Дигало.

Според него, на свечената церемонија на спуштањето во вода ќе присуствуваат претставници на Министерството за одбрана на РФ, главната команда на Воената морнарица на Русија, администрацијата на Санкт Петербург, како и раководители на организациите и претпријатијата од одбранбено-индустрискиот комплекс кои учествуваа во изградбата на бродовите од овој проект. Изградбата на главниот мал ракетен брод „Ураган“ (проект 22800) и првиот сериски мал ракетен брода „Тајфун“  (проект 22800) привршува во бродоградилиштето „Пелла“. Инаку, изградбата на овие два брода почна на ист ден, на 24 декември 2015 година.

Малите ракетни бродови од проектот 22800, познат и како „Каракурт“, се проектирани во конструкторското биро „Алмаз“. Овие бродови имаат депласман од околу 800 тони, брзина преку 30 јазли, опремени се со комплекс од високопрецизно ракетно оружје и современи артилериски системи, како и со противдиверзантски системи.

Меѓу главните предности на овие бродови се високите маневарски способности, подобрените пловни карактеристики, како и архитектурата на кабините и телото, изградени со примена на „стелт технологија“.

Комбинацијата од мали димензии и моќното ракетно вооружување во чиј состав се и новите крстосувачки ракети „Калибар“ ги прави бродовите од оваа класа фатално опасни за противничките цели како во вода, така и на копно.

Погледнете ги Површинските поморски сили на руската Воена морнарица

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња