На пат околу светот, па во музеј: Лада „копејка“ стара 42 години помина четири континенти

Авантуристите Филип Вогел и Петар Јавурек од населбата Честице во Краловеградецкиот крај на Чешка во четвртокот му го подарија на музејот на фабриката „Автоваз“ во Толјати својот автомобил ВАЗ-2101 (познат во Русија под прекарот „копејка“) произведен 1975 година. Претходно двајцата момци во оваа стара кола беа на пат околу светот, пренесува дописникот на агенцијата РИА „Новости“.

На пат околу светот Филип и Петар тргнаа во април минатата година, а го завршија во јануари оваа годината. Старата „копејка“ (во поранешна Југославија позната како „Lada 1200“) ја набавиле преку оглас пред патувањето и ја платиле 15000 круни (590 евра). Вогел и Јавурек во овој автомобил стар четири децении пропатуваа 50000 километри и посетија 30 земји на четири континенти.

„Сега овој легендарен автомобил му го предаваме на музејот. Ни донесе многу позитивни емоции и ни помогна во текот на целото патување“, изјави Вогел врачувајќи им ги на претставниците на музејот клучевите од „копејката“. Тој додаде дека автомобилот се покажал како многу сигурен, иако во текот на патувањето имал и дефекти.

„Светските патници“ во замена за својата „копејка“ добија нов модел на Lada Vesta. Документите за овој автомобил им ги врачи на момците директорот за маркетинг на фабриката „Автоваз“ Фабиен Гуљми.

„Вие сте ризикувале тргнувајќи на патување со автомобил стар 42 години, сте поминале во него 50000 километри и дури сте посетиле и места каде имало земјотреси. Како ви успеа сето тоа?... Браво! Секоја чест! Мислам дека на тој начин станавте најдобри промотери на брендот „Лада“, истакна Гуљми.

„Копејка“ по патот околу светот заврши во музејот на фабриката „Автоваз“ и тоа се случи токму на роденденот на овој модел. Имено, тој ден се навршуваа точно 48 години откако од лентата на Волшката  фабрика за автомобил се симна првиот „Жигули“ ВАЗ-2101 (во извозната варијанта се викаше „Лада“). Како прототип на овој автомобил послужи моделот Fiat 124. „Копејка“ се произведуваше во СССР од 1970 до 1988 година и беше зачетник на серијата „класични“ модели на Волшката фабрика за автомобили.

Погледнете како Лада „копејка“ беше претворена во уметничко дело

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња