Ракетите не можат да му наштетат на летечкиот руски „Терминатор“

МИ-8 АМТШ „Терминатор“

МИ-8 АМТШ „Терминатор“

Константин Лејфер/TASS
Военотранспортните хеликоптери Ми-8АМТШ-В „Терминатор“ ќе го добијат системот за заштита „Витебск“.

Како што соопшти агенцијата „Интерфакс-АВН“ повикувајќи се на извор во авионската индустрија, овие хеликоптери ќе ги добијат споменатите системи веќе годинава. Се претпоставува дека до есента ќе бидат завршени работите за вградување на заштитните системи во сите хеликоптери од типот Ми-8АМТШ-В.

Министерството за одбрана на РФ минатата година го доби заштитниот систем „Витебск“ за хеликоптерите Ми-8. Како што беше соопштено, оваа варијанта на „Витебск“ пред сѐ го штити хеликоптерот од непријателски ракети со инфрацрвено наведување. Благодарение на наведениот заштитен систем може да се открие лансирање на ракета и да се следи нејзиниот лет во радиус од неколку стотици километри и со помош на овој систем таа ракета може да се  измами и да се насочи во друг правец.

Ми-8АМТШ е современ повеќенаменски военотранспортен хеликоптер. Се користи за превоз на луѓе и товар, со тоа што товарот се закачува и однадвор. Ми-8АМТШ може да биде опремен со истото вооружување како Ми-24 и со систем за оклопна заштита на екипажот, а може да се адаптира и за користење на специјална опрема ноќно набљудување.

При конструирањето на хеликоптерот е земено предвид искуството во жариштата на вооружените судири. Најновата модификација Ми-8АМТШ-В може да извршува транспортно-десантни задачи и да ги покрива со оган специјалните единици во нивните операции.

ХеликоптеротМи-8АМТШ е развиен врз основа на повеќенаменскиот хеликоптер М8-АМТ.

Максималната полетна маса на Ми-8АМТШ изнесува 13 тони. Неговата максимална брзина изнесува околу 260 км/ч, а оперативниот радиус му е е 610 км. Хеликоптерот може да понесе до 4 тони различен товар. Во него собира 26 војници (десантна пешадија) или 12 ранети на носила во придружба на медицински персонал. Екипажот е составен од командир, втор пилот (кој истовремено управува со оружјето) и техничар (кој е истовремено нишанџија на митралезите).

Погонските агрегати се составени од 2 турбоелисни мотори ТВ3-117ВМ со максимална сила од 2100 КС. Модернизираната верзија на арктичкиот Ми-8АМТШ-ВА има понови и уште посилни мотори „Климов 2хВК-2500-03“ со унапредена трансмисија, чија максимална сила е 2500 КС.

Хеликоптерот има дисплеј за метеорадар, систем за сателитска навигација, инфрацрвен уред и ноќен прибор за пилотите. Вградени се специјални издувници на моторот кои ја намалуваат инфрацрвената рефлексија и блок со Иц-мамци АСО-2В.

Ми-8АМТШ поседува 4-6 носачи за оружјето на боковите на хеликоптерот. Опремен е со ракетен систем „Штурм-В“ кој користи ракети 9М114 или 9М120 (до 8 ракети). Има и четири повеќецевни блокови Б8В20-А со наведувани ракети С-8, потоа 2 наведувани модули со топови ГШ-23Л калибар 23мм, како и по 2 митралеза на носот и крмата на хеликоптерот. Покрај ова вооружување, на хеликоптерот можат да се закачат и современиот АТ систем „Атака“ како и ПВО-систем со краток дострел со ракети „Игла“.

Прочитајте повеќе за МИ-8АМТШ-ВА - новата ѕвезда на арктичкото небо

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња