Индија купува лиценца за производство на автоматски пушки „Калашников“

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Министерството за одбрана на Индија има намера без тендер да ја откупи лиценцата за производство на автоматските пушки АК-103. Така е неочекувано решено прашањето за избор на стрелечко оружје за индиската армија кое долго време ја интригираше јавноста.

На индиската армија ѝ се потребни 768500 автоматски пушки и уште 50000 ѝ се потребни на индиската флота. Се претпоставува дека 150000 примероци АК-103 ќе бидат купени од Русија, додека производството на останатите примероци ќе биде стартувано во фабриките во Ишапур и Тиручирапали. Концернот „Калашников“ веќе им ја достави потребната опрема, пишува „Џејн’с Дифенс“, а пренесува порталот rg.ru.

„До крајот на април претставници на Министерството за одбрана на Индија и државната корпорација за производство на оружје Ordnance Factory Board (OFB) ќе ги посетат Русија и претпријатијата на концернот „Калашников“ во Ижевск. Планирано е тогаш да се потпише договорот“, изјави за споменатото издание извор во индискиот военоиндустриски сектор.

Автоматските пушки АК-103 во Индија ќе ја заменат „националната пушка“ INSAS која е произведена пред 20 години, а уште во 2010 година се покажа како лошо решение. Истовремено е објавен конкурс за увоз на 72400 автоматски пушки „заради итни оперативни потреби“ на единиците на индиската граница. Армијата очекува дека ќе добие понуди од девет потенцијални добавувачи и дека ќе ги разгледа во мај. Тој тендер мошне се одолговлече, велат од индиското Министерство за одбрана.

OFB веќе неколку години му предлага на Министерството за одбрана на Индија да организира во земјата производство на АК-103 наместо бескрајно да организира тендери во кои целите се менуваат постојано и кои подразбираат неизбежни проблеми со локализацијата на производството, се вели на воениот блог.

АК-103 е извозна варијанта на автоматските пушки АК-74М калибар 7,62 мм. Нишанскиот далечинометар е обележан до 500 метри, кундакот и предниот ракофат се направени од црна пластика отпорни на удар, додека металните делови се заштитени од корозија. Пушката има место и за закачување на потцевен фрлач на гранати.

Прочитајте повеќе: „Калашников“ го покажа својот автомат со мазна цевка