Борбени космички авиони
Кога кон крајот на педесеттите години од минатиот век САД ја започнаа програмата за создавање космички авион Boeing X-20 Dyna-Soar Советскиот Сојуз реши и тој да направи воен авион за идните војни во космосот. Така настана проектот „Спирала“.
Планот беше советскиот космички авион да полета од друг авион кој ќе го носи и потоа самиот да излезе во орбитата каде различни модификации на овој авион ќе извршуваа различни задачи.
Извидувачкиот авион би имал задача да се крене во атмосферата на височина од 130 километри и оттаму да следи и да набљудува објекти во орбитата и на Земјата. Една од неговите задачи билa да испраќа координати на цели на јуришни и на космички авиони.
Потоа офанзивните авиони според добиените координати би испукувале кон целта ракети „космос-земја“ со нуклеарни боеви глави. Било планирано нивната главна цел да бидат непријателски носачи на авиони и бродови што ги следат. Дури и ако ракетата ја утне целта за 200 метри, таа ќе ја уништи благодарение на разорната сила на нуклеарната боева глава.
Следната модификација се пресретнувачи на космички објекти. Пресретнувачот за борба на мали растојанија би испукувал шест самонаведувачки ракети во радиус од 30 километри, а пресретнувачот за поголеми растојанија би гаѓал непријателски космички бродови во радиус од 350 километри.
Како алтернативен носач на космичките авиони во рамките на проектот „Спирала“ бил планиран „Буран-Б“, космички брод за повеќекратна употреба – советски еквивалент на американските спејс-шатли.
Сега еден од раните прототипи на космичкиот авион МиГ-105-11 уште може да се види во Централниот музеј на военото воздухопловство „Монино“ во Московската област.
Космички борбени станици
Првиот борбен проект на советската космичка станица ја има добиено ознаката „Алмаз“, по него следуваа „Скит“ и „Каскад“. Било замислено овие станици во орбитата да изгледаат како да се предвидени за цивилна потреба, сè дури не ѝ притребаат на војската.
Советските космички станици имале задача да уништуваат непријателски космички бродови и интерконтинентални балистички ракети, како и важни цели на море, на земја и во воздух.
Главната разлика помеѓу станиците била во видот на вооружувањето што требало да се применува. Планирано било станицата „Каскад“ да користи ракети за уништување цели во ниската орбита (2.000 километри над екваторот и помалку), додека „Скит“ со ласерско оружје би гаѓал цели во средната орбита (над 2.000 километри) и во геостационарната орбита (35.786 километри).
Покрај тоа, планот бил цивилните станици да се штитат со помош на монтираниот советски авионски автоматски топ „Нуделман-Рихтер НР-23“. Тој со времето би бил заменет со футуристичките ракети „космос-космос“ кои никогаш не се направени.
Ловечки сателити
Во времето на Студената војна онеспособувањето на непријателските сателити било третирано како еден од најважните елементи на евентуалниот вооружен судир во космосот. Начинот на кој тоа би се постигнало би бил со користење балистички ракети лансирани од копното, од воени бродови и од авиони. За таа цел советските инженери го развиле системот за космичка заштита „Нарјад“, како и системот за противракетна одбрана за авиони МиГ-31. И овие проекти останале недовршени.
Друг начин кој во Советскиот Сојуз имал приоритет бил неутрализирање на сателитите со помош на специјални ловечки сателити. Овие мали уреди се исфрлени во орбитата и се насочени кон непријателскиот сателит. Носеле распрскувачка боева глава со чија помош се уништува целта. Ваквата експлозија би била ефикасна на оддалеченост од еден километар.
За разлика од поголемиот дел други борбени космички проекти, програмата за ловечки сателити е успешно завршена. Овие сателити се воведени во експлоатација во 1979 година, но се откажале од проектот во 1993 година.
Оружје за космонаути
Советскиот Сојуз не проектирал само борбени космички апарати, ами и лично оружје за космонаути. Еден од најдобрите примери бил пиштолот со три цевки ТП-82. Со оглед на тоа дека употребата на борбено оружје во космосот не е дозволена, пиштолот бил наменет за заштита од диви животни (во случај на потреба) по приземјувањето.
За потребите на космичкото војување советските инженери користеле ласерски пиштол. Тоа е пиштол со шаржер направен според технологијата на пиротехничките ламби за проектирање зраци кои ги исклучуваат оптичките сензори на непријателскиот вселенски брод. Тој не може физички да ги оштети ѕидовите на вселенскиот брод однадвор, но може да заслепи човек на оддалеченост од 20 метри. Единствениот модел е изложен во Музејот на Академијата за стратешки ракетни единици „Петар Велики“ во Московската област.