Руски научници развиваат вакцина која ќе го блокира дејството на опијатите како што се морфиумот, хероинот и метадонот, како и супстанците кои содржат кодеин, изјави директорката на Националниот научен центар за наркологија Татјана Клименко, пренесуваат медиумите.
Вакцината се базира на антитела добиени од коњска крв. Експериментите врз животни покажаа дека препаратот е активен година дена и дека потоа е потребно повторно вакцинирање.
Според зборовите на Клименко, во развојот на вакцината е завршена една важна етапа. Тинејџерите би можеле да ја примаат на возраст од 12 или 13 години во рамките на превенцијата од наркоманија. Како што истакна таа, доколку тестирањата врз луѓе бидат успешни, вакцината во перспектива е можно да се модифицира за да се користи и во лекувањето на други зависности.
Во Русија последниве неколку години вкупниот број на зависници од опојни дроги е намален за 2%. Според главниот психијатар-нарколог на Министерството за здравство на Русија Евгениј Брјун, школската младина е сѐ помалку заинтересирана за наркотици и сѐ почесто се согласува на тестирања.
Според податоците на Светската здравствена организација, во светот има повеќе од 48 милиони зависници од наркотици. Процентот на нивна излеченост и преживување е во рангот на показателите кај тешките болести како што е ракот од втор или трет степен.