Првата високопрецизна муниција се појави практично истовремено во двете најсилни армии на светот: во 80-те години на минатиот век. Таа имаше слични карактеристики и се базираше на слични принципи на наведување. Во централниот дел од траекторијата летот на проектилот го коригираше инерцијалниот систем, а во делот од летот до целта се вклучуваше полуактивна ласерска глава за самонаведување. Меѓутоа, поради несовршените технички својства муницијата можеше да погодува само цели кои се наоѓаат во полето на видливост на операторот на станицата за ласерско обележување на целта. Со самото тоа животот на артилерискиот нишанџија, како и скапата опрема, беа изложени на поголем ризик.
Во 90-те години руските конструктори на оружје продолжија да работат на „ласерски“ „Краснопољ“, додека во САД се потпираа на сателитска навигација и во 2006 година во состав на вооружувањето ја примија гранатата M982 „Екскалибур“ наведувана со помош на Џи-Пи-Ес. Нејзината борбена употреба во Ирак го воодушеви Пентагон: прецизноста на погодоците на растојание од 40 километри изнесуваше 92%.
Меѓутоа, се покажа дека гранатата „Екскалибур“ има еден недостаток што може да ги поништи сите нејзини квалитети.
„Сателитското наведување на високопрецизно оружје ни овозможува решавање на полициските задачи. Ако постои одбрана во форма на систем за радиоелектронско војување, тогаш можете да ги заборавите сателитите. Во тој случај ви преостануваат само две методи на наведување: инерцијални средства или маркирање на целта“, објаснува стручњакот Алексеј Левченков.
Според мислењето на главниот и одговорен уредник на списанието „Арсенал Отечества“ Виктор Мураховски, „детските болести“ на „Краснопољ“ можат да бидат решени со современи средства за набљудување на боиштето.
„Ласерскиот обележувач на целта не мора задолжително да биде пренослив и може да се поставува на мобилни пунктови за набљудување, хеликоптери или дури и на беспилотни летала“, додава тој.
Московското конструкторско биро „Компас“ во 2011 година соопшти дека успешно тестирало навигациски модул на ГЛОНАСС за артилериски гранати на топовската артилерија. Во иднина проектилите со вакво наведување ќе се користат за гаѓање на цели надвор од видното поле, додека гранатите со ласерско наведување „Краснопољ“ ќе се користат за цели во рамки на непосредното видно поле.
Друг важен недостаток на американските „сателитски“ гранати е во тоа што тие не можат да гаѓаат цели во движење, додека „Краснопољ“ гаѓа оклопна техника и цели на вода и при нивно движење со брзина до 36 километри на час. Затоа компанијата која го конструираше „Екскалибур“ започна со модернизација на оваа артилериска муниција, воведувајќи можност за ласерско наведување.