Министерството за одбрана на Русија повлече крајно ефектен потег со испраќањето на најновиот руски ловец од петта генерација Су-57 во Сирија. Судејќи според сѐ, во борбени услови ќе биде тестиран и авионот и неговото вооружување. Меѓутоа, постојат моменти поради кои присуството на ова уникатно и супертајно летало во Сирија е крајно ризичен потег.
Мислењата на експертите во однос на ова прашање се поделени. Ветеранот од војната во Авганистан, поранешен заменик-командант на военото воздухопловство на Балтичкиот воен округ на СССР, генерал-мајор Александар Цалко ја поздрави одлуката за испраќање на Су-57 на фронт.
„Така и треба. Треба да се прати авионот за да се види како функционира, да се откријат скриените недостатоци, додека сѐ уште има време за нивно отстранување“, истакна Цалко, додавајќи дека тестирањето во воените единици е вообичаен дел од воведувањето на новиот модел на вооружување во експлоатација. „Сите машини секогаш се проверуваат во борба, а во Сирија е токму таква ситуацијата“, изјави генералот за весникот „Взгљад“.
Вистина, тој го додаде и следново: „Се разбира, за нашиот ловец таму нема сериозна работа затоа што нема достоен воздушен противник. Па сепак, тој има добри карактеристики и може да гаѓа цели на земјата“.
„Испраќањето на тие авиони во Сирија е доказ дека првата фаза на тестирањата е успешно завршена. Судејќи според сѐ, потпишани се документи меѓу Министерството за одбрана и производителот за премин во втората фаза. Пред тоа авионите беа сопственост на компанијата која ги произведува, а сега веќе веројатно му припаѓаат на Министерството за одбрана, така што тоа може да прави со нив што сака“, изјави за „Взгљад“ директорот на Центарот за анализа на стратегии и технологии Руслан Пухов. „Сирија дава добра можност авионот да се тестира во поинакви климатски услови“.
На интернет веќе се појавија информации дека Военото воздухопловство на САД ги запрело летовите на ловците F-22 Raptor во Сирија. Сега летаат други авиони на коалицијата. Можеби Американците не сакаат да ги покажат карактеристиките на овој авион на „главниот противник“ меѓу ловците од иста класа.
За разлика од генералот Цалко, извор на весникот „Взгљад“ близок до Министерството за одбрана изјави дека не ја поддржува одлуката за испраќање на Су-57 во Сирија. „Авионот е сѐ уште сиров. Ако, не дај Боже, се случи нешто со него, ќе биде тоа сериозен удар за имиџот што ќе го искористи нашата конкуренција. Како што е познато, во Индија сега се водат тешки преговори околу авионите од петта генерација. Таму работат многу лобисти кои ги повикуваат властите на Индија да се откажат од соработка со Русија и да се одлучат за купување на американските авиони F-35“, нагласи тој.
Споменатиот извор потсети дека во војна секогаш постои опасност авионот да падне во непријателски раце. Така, на пример, Американците своевремено го тестираа тајното беспилотно летало „Кандахарски ѕвер“. „Го лансираа од територијата на Авганистан, леташе над Иран, а потоа се случи нешто со него – или се расипа, или Иранците успеаја да го преземат далечинското управување со него. Во секој случај, тоа таму атерираше, така што Иранците добија увид во тајните американски технологии“, рече споменатиот извор за весникот „Взгљад“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче