Група млади руски научници развива надзвучен цивилен авион: Преку океанот 8 пати побрзо од звукот

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Група млади руски научници работи на концепт на хиперзвучен патнички авион, изјави генералниот директор на Централниот аерохидродинамички институт (ЦАГИ) Сергеј Чернишев.

„Во нашиот Институт тим од талентирани млади научници, студенти и постдипломци на Московскиот физичко-технички институт (МФТИ) работи на создавање концепт на цивилен надзвучен воздухоплов. Тој авион ќе превезува патници преку океанот со брзина седум до осум пати поголема од брзината на звукот“, ги наведува зборовите на Чернишев прес-службата на Институтот.

Како што се истакнува, академикот на РАН Чернишев ова изјава ја даде во рамките на Зимската физичко-математичка школа на МФТИ, на која се разгледувани перспективите за развој на воздухопловството, вклучувајќи воведување вештачка интелигенција и развој на надзвучни технологии во цивилната авијација. Чернишев во водечките области на работата на ЦАГИ ги вброја унапредувањето на аеродинамичката шема и концептуалното проектирање на воздухопловите.

Авионот кој ќе може да лета со големи брзини се развива во рамките на седмата по ред Европска рамковна програма за истражување на концепцијата на патничкиот авион на хидрогенско гориво. ЦАГИ во таа работа реализира значителен дел од пресметковните и експерименталните истражувања и се занимава со изработка на прототипови за тестирање на летањето, велат од Институтот.  

Кон крајот на јануари претседателот на Русија Владимир Путин се заложи за создавање на цивилна верзија на надзвучен авион врз база на Ту-160. „Би требало да се направи и цивилна верзија“, рече Путин, кому неодамна во Казањ му беше демонстриран летот на новиот надзвучен стратешки ракетоносец Ту-160 „Петар Дејнекин“. Тој нагласи дека сега ќе може побрзо да се стаса до Њујорк отколку од Калининград до Владивосток.

Раководителот на Обединетата корпорација за производство на авиони Јуриј Слесар му рече на Путин дека претпријатието има проект сличен на надзвучниот цивилен авион.

Погледнете го видеото: Путин воодушевен од првиот лет на бомбардерот Ту-160М „Петар Дејнекин”