Американската компанија „Рејтеон“ која го произведува комплексот за противвоздушна одбрана „Патриот“, објави извештај во кој се содржани информации за ефикасноста на нивните системи, а кој има користено податоци што ги собрала војската на Саудиска Арабија. Имено, од 2015 година пресретнати се повеќе од 100 јеменски ракети од советско производство. Ако се земе предвид и „активноста“ на ракетните системи „патриот“ кои се наоѓаат во составот на војската на Обединетите Американски Емирати, бројот на успешни пресретнувања достигнува 150 балистички ракети.
Но, се поставува рационално прашање, со колку ракети е извршено ова пресретнување, и колку ја имаат пробиено одбраната, односно дошле до својата цел?
Јеменските бунтовници, вооружени со советски ракети од класата земја-земја, како и нивните севернокорејски реплики, ја ракетирале територијата на Саудиска Арабија и земјите кои ја сочинуваат таканаречената антихутска коалиција. Најчесто тоа биле стари советски ракети од типот „Скад“*. Оваа ракета во единиците на советската армија влегла во оперативниот состав уште во дамнешната 1962 година, годината по првиот лет на човекот во космосот, кој го изведе прочуениот советски космонаут Јуриј Гагарин. Ракетата е насочувана по инерцијален пат и била прилични непрецизна. Нејзиното отстапување од целта изнесувало и до 400 метри, така што единственото оправдување за оваа ракета е да носи атомски боеви глави кои можат да ја анулираат секоја непрецизност за време на нивниот пад и удар во тлото. Но, земјите од Блискиот исток во оваа ракета со дострел од 300 километри во која инсталираа боева глава со тежина од 1.000 килограми, виделе исклучително техничко-технолошки потенцијал, така што тие масовно ги купувале, па и ги добивале бесплатно од тогашен СССР, кој не бил заинтересиран за продажба на овие ракети, ами за нивна донација, што реципрочно довело до поголемо политичко влијание на СССР во овие земји. Секако, извозните верзии на овие ракети немале нуклеарни боеви глави, ами само класични/конвенционални.
Со текот на времето инженерите од Блискиот исток научиле да ја „модифицираат“ оваа ракета. Нејзиниот оперативен дострел е зголемен со намалување на тежината на боевата глава и со поставување на дополнителен резервоар за гориво. Во оваа пригода е сосема јасно дека истовремено и прецизноста на овие ракети значајно ќе се влоши со отстапување и до 1.000 метри.
За борбата со овие проектили американските сојузници на Блискиот исток ги набавиле според нив „најдобрите противракетни системи на светот“ ММ-104 „Патриот“. Но, излегло дека овој комплекс во практика не е толку ефикасен против тактичките балистички ракети. Според извештаите кои доаѓаа од овие простори, за да се пресретне една ракета „Склад“, во просек било потребно да се лансираат четири ракети од системот „Патриот“. Кога се знае дека секоја ракета вреди најмалку 3 милиони американски долари, се добива сума од 12 милиони американски долари, кои мора да се потрошат за „сигурно“ да биде пресретнат еден балистички проектил Р-17 кој вреди нешто повеќе од 200.000 американски долари. Значи, дури 60 пати поевтино од ракетата-пресретнувач. Токму поради овој драстичен факт во диспропорцијата на цените која може во голема мета да го оптовари воениот буџет и на најбогатите држави (во случајов сериозен напад со поголем број вакви ракети, само на трошоци за нивно соборување може во еден ден да се потрошат речиси половина милијарда американски долари). Израел се откажа од понатамошна набавка на „Патриот“ и започна развој на свој систем за противракетна одбрана.
САД го усвоија во вооружувањето ракетниот систем „Патриот“ во средината на осумдесеттите години од минатиот век. До денес постојат четири верзии на комплексот - Patriot, Patriot PAC-1, Patriot PAC-2 и Patriot PAC-3. Со маркетиншки марифетлаци кои на Запад се усовршени до максимум, оваа компанија комплексот го претстави како семоќен. Тој, според нив, може да собори сé што лета во воздух. Но, дојде 1991 година кога во практика се отвори непремостлив јаз меѓу маркетиншките тврдења на производителот за тоа дека покрај нивниот производ не може практично ни птица да пролета, и реалните показатели на фронтот.
Маркетингот прави чуда
За време на војната во Персискиот залив, Ирак како одговор на агресијата на својата територија, масовно ги ракетираше американските воени бази кои се наоѓаа на територијата на Израел и на Саудиска Арабија. Овие напади главно беа изведувани со модификувани верзии на старите советски балистички ракети од типот „Склад“. За да се спречат овие напади во регионот беа итно префрлени неколку батерии од ракетниот систем „Патриот“. Но, и покрај сé, овие системи не помогнаа многу. Според различни процени, бројот на успешни пресретнувања се движеше помеѓу 30 и 50 отсто што беше скандалозен податок за тогаш „најдобриот противвозудшен сустем на светот“.
Понеделник, 25 февруари 1991 година беше црниот ден за американските војници. Тогаш неколку ирачки ракети „Склад“ успеаја да ја пробијат одбраната на „Патриот“ и да ја погодат базата на територијата на Саудиска Арабија во која се наоѓаа американски маринци. Тогаш беше исклучен речиси цел баталјон војска. На лице место загинаа 28 американски војници, додека неколку стотини беа потешко или полесно ранети.
Компанијата „Рејтин“ на сите начини се обидуваше да ја ублажи своевидната бламажа на нивниот преценет производ. Тие наскоро излегоа со анализа дека всушност немало проблем со ракетите, ниту во системот кога тој ќе се согледа во целина. Проблемот бил во недоволно развиениот софтвер за насочување на ракетите кој беше имплементиран на комплексот, и дека истиот уште не е совршен. Од таа причина голем број ракети ја утнале целта, истакнаа експертите на оваа компанија.
Инженерите од оваа компанија се правдаа со фактот дека станува збор за тукушто модернизирана верзија на овој систем Patriot PAC 1 која сé уште не е доволно усовршена. Конкретно кај оваа верзија веројатноста за уништување на балистичка цел со една ракета како што е например ракетата „Склад“, е од 0.3-0.4 и тоа под услов да нема електронско попречување. Значи, за 100% да се собори една ракета „Склад“ потребно било да се лансираат најмалку три ракети на „пресретнувачот“ од комплексот Patriot PAC 1.
Соочувајќи се со очигледни проблеми со верзијата на системот PAC 1 и нејзините лоши резултати на кои укажа дури и Пентагон, американските инженери се фрлија на работа и со голем труд успеаја да ја произведат варијантата PAC-2, а подоцна и PAC-3. Повторно се вжешти маркетиншката офанзива. „Овој пат имаме систем кој е непробоен“, славодобитнички тврдеа луѓето од компанијата „Рејтон“. Богатите арапски монархии повторно поверуваа на зборовите на своите американски „пријатели“ и уште еднаш го одврзаа ќесето. Но, повторно во практика се покажа дека едно се зборовите на американските менаџери напишани во богатоилустрираните пропагандни брошури кои се поврзани со овој систем, а друго е реалната ситуација на теренот. Според различни податоци, степенот на ефикасност и кај најновата верзија на комплексот PAC-3 во голема мера отстапува од техничките спецификации кои се објавени во документите на компанијата. Во услови на апсолутна техничка доминација каде противникот нема адекватни мерки, а ниту знаење да ги збуни противракетните системи (лажни мамци, системи за електронско попречување и слично) најновата варијанта PAC-3 имаше успешност на пресретнување од 0.25-0.50 по една ракета. Значи, повторно требаше да се лансираат најмалку 2-3 ракети за да се пресретне и да се собори некојси таму „Склад“ од дамнина кој фигуративно речено е „склепан во некоја печка на брдата на Јемен“.
Богатите арапски шеици „се пресметаа“ и сега сакаат исклучиво С-400 да им ја брани државата
Оттука не е изненадување дека само „вжештените“ глави се подготвени да го набават ракетниот систем „Патриот“. Можеби само уште Полјаците се подготвени да го купат овој систем од Американците, и никој друг. Имено оваа држава има намера да купи осум батерии од најновата верзија на системот „Патриот“, за вкупна сума од околу осум милијарди американски долари. Притоа оваа набавка претставува извесна „мачка во вреќа“ зашто договорот предвидува Полјаците да ги добијат системите за дури 6-7 години.
Од друга страна пребогатите шеици од Саудиска Арабија кои на своја кожа ја имаат почувствувано благодата на работењето со Американците кога станува збор за овој систем, решија по трети пат да не наседнат на познатиот „штос“ на американските слаткоречивци. Тие решија да се свртат кон други производители и конечно да набават комплекс кој навистина ќе ја штити нивната територија, а на крајот на краиштата ќе стане финансиски исплатлив. Тие сакаат да се свртат кон руското вооружување и да набават руски комплекс ПВО и ПРО С-400 „Триумф“.
Кога станува збор за финансиската исплатливост, треба да се направи споредба во цените кога се во прашање овие два конкурента на светскиот пазар на вооружување. Според договорот што Полјаците го потпишаа со САД за испорака на ракетниот систем „Патриот“, новата набавка на 32 лансирни единици ќе ги чини 8 милијарди американски долари. Од друга страна, за време на набавката на шест дивизиони С-400 (околу 48 лансирни единици) за потребите на кинеската војска, вкупниот договор изнесува три милијарди американски долари. Значи, разликата во цената е огромна, па дури и за богата земја како што е Саудиска Арабија.
С-400 за цела генерација понапреден од својот западен ривал
Кога станува збор за борбените вредности, тогаш треба да се тргне од годишното производство на последните верзии на Patriot PAC-3 и С-400. Првиот е направен пред точно 20 години додека С-400 влезе во оперативна употреба во 2007 година. Значи цела една деценија е помлад од PAC-3. За тие десет години разлика, значајно напредуваше технологијата на изградба на овие ултрасофистицирани борбени средства, така што С-400 на овој план е апсолутно супериорен од кој било друг конкурент.
Од друга страна, универзалноста на американскиот комплекс е многу поголема од оној на рускиот конкурент. Но, ова не претставува предност, ами негативна карактеристика. „Патриот“ има универзален радар кој служи за откривање цели, но и за насочување ракети на нив. Овие две функции кои се применети на еден радар во голема мера негативно влијаат на неговата ефикасност, особено кога ќе се земе превид далечината на откривањето на летачките објекти која е значително помала одошто кај чистокрвните набљудувачки радари. Кај ракетниот комплекс С-400 овие две функции се поделени на два оддели радари. Згора на тоа, тука е и третиот радар кој има задача да открие тепковоочливи нисколетачки цели. Притоа, максималниот опсег на детекција достигнува цели 600 километри.
Кога станува збор за самите ракети, PAC-3 има три ракети: една за борба против аеродинамички и крстосувачки ракети, и уште две за борба против балистички ракети. Токму од оваа причина американскиот комплекс има мошне ограничени способности кога станува збор за крајниот дострел на ракетите за време на пресретнување по височина и по далечина. Една од последните модификации на ракетата за PAC-3 е опремена со кинетичка боева глава, која ја уништува целта со помош на механички удар.
Од друга страна борбениот комплекс С-400 е составен од седум ракети, а секоја од нив е специјализирана за посебен тип цел која може да се појави во воздушниот простор. Оваа поделба е разбирливо поефикасна и доведе до тоа ефикасноста на уништувањето на целта со една ракета да е многу поголема кај С-400 одошто кај комплексот Patriot PAC-3. Кај С-400 таа изнесува 0.9 за цел со величина на ловец, и дури 0.9 за балистичка ракета која има дострел и до 3.500 километри. Притоа далечината на уништување на аеробалистичките цели е многу поголема одошто кај Patriot PAC-3, и слоевито го покриваат како средниот, така и големиот дострел.
*Извозната верзија на овие ракети претставува модификација на едностепенска балистичка ракета земја-земја со краток дострел Р-17 која користи течно гориво.