Проектот му припаѓа на Научно-производственото претпријатие „Рубин“ од Пенза. Тој им обезбедува на единиците за противвоздушна одбрана средства за врска и можност за размена на податоци на бојното поле. Командното возило автоматски може да дејствува интерактивно со противвоздушните ракетни системи.
Како што истакнуваат творците на оваа уникатна техника, МРУ-Б во реално време истовремено следи 80 воздушни објекти, ги обележува како цели и ги распоредува до различни средства за ПВО. Овој модул ги обработува добиените податоци од сопствената радарска станица, но и од неколку мобилни системи и на тој начин создава единствено радарско поле над подрачјето на борбени дејствија.
Со полн резервоар МРУ-Б поминува 500 км. Додадената опрема практично не влијаеше на динамичките карактеристики на БМП-3, така што оваа машина и понатаму развива брзина од 70 км/час на пат, 45 км/час на тешко прооден терен и 10 км/час во вода, што ѝ дава предност во однос на шасиите на старите типови.
Набљудувачкиот и команден модул на МРУ-Б може да биде доведен во состојба на полна борбена готовност за 7 минути. Со сопствен агрегат функционира три дена и ноќи, а потоа може да се приклучи на автономен дизел агрегат или во струја и да продолжи со работа.
Според мислењето на воените експерти, ваквите машини ќе овозможат значително зголемување на отпорноста на противвоздушните единици, подигање на нивото на прецизност во погодување на воздушни цели и намалување на потрошувачката на муницијата.