Димензиите на најголемиот на светот боен брод кој не е носач на авиони се навистина импозантни: вкупниот депласман е 25000 тони, бродот е долг 251 метри, а висок 59 метри – како солитер од 20 ката! Енергијата што ја создаваат двата нуклеарни реактори би била доволна за цел еден град. „Петар Велики“ без замена на горивото може 50 пати да ја обиколи планетата, соопштува ТВ-каналот „Ѕвезда“. Должината на сите ходници на бродот изнесува повеќе од 20 км. Бродот развива максимална брзина од 20 јазли.
Крстосувачите од проектот „Орлан“ се правени за уништување на носачи на авиони. „Петар Велики“ има 20 лансери на крстосувачки ракети „Гранит“. Овие ракети се долги 10 метри и тешки 7 тони. Летаат кон целта со брзина од 2,5 маха и носат нуклеарна боева глава со сила од 500 килотони. „Гранитите“ можат да напаѓаат во јато: летаат кон целта ниско над водата без да емитуваат какви било радио-сигнали. Потоа ги вклучуваат главите за самонаведување и истиот момент ги распоредуваат целите и ги напаѓаат од различни страни.
За борба против подморници „Петар Велики“ користи три хеликоптери Ми-27ПЛ и торпеда „Водопад“. Крстосувачот има 3 хидроакустични антени: една во прамецот, една под кобилицата и една која ја влече. Од напади од воздух бродот е заштитен со морнаричката верзија на ПВО-системот С-300 „Форт“. Податоците за целите до овој систем ги испраќаат двата бродски радари.
За 2019 и 2020 година е планирана темелна модернизација на „Петар Великог“ и замена на ударното вооружување. Крстосувачот ќе добие нови универзални лансери за крстосувачки ракети „Калибар“, „Оникс“ и „Циркон“.