Овие денови Русија и Филипините го потпишаа својот прв воено-технички договор кој подразбира испорака на руски ракетни фрлачи РПГ-7В на оваа држава. Покрај овие фрлачи, тука се наоѓа и контингент од 5000 автоматски пушки „Калашников“, околу 1 милион куршуми и 20 транспортни камиони. Според зборовите на руските воени стручњаци, без оглед на релативно ограничениот опсег на овој договор, се работи за многу сериозно достигнување кое има стратешки потенцијал.
Филипините досега исклучително купуваа вооружување кое доаѓа од западните држави, особено од САД, со кои до неодамна имаа блиски, сојузнички односи.
Меѓутоа, со доаѓањето на новиот филипински претседател Родриго Дутерте на власт, односите со САД нагло се влошија. Иако договорот за воено-техничка соработка во основа е симболичен, тој претставува огромен исчекор затоа што се работи за прв договор од таков вид потпишан со оваа држава, која патем има повеќе од 100 милиони жители и сериозен финансиски раст кој се мери во милијарди американски долари. Поради влошувањето на односите со својот довчерашен сојузник, Филипините бараат нов партнер во сферата на одбраната и воено-техничката соработка. Не е тајна дека Филипините сакаат во светлото на најновите меѓународни настани сериозно да ја модернизираат својата војска и дека за таа намена предвидоа огромни средства. Меѓутоа, Русија е сериозна држава која не ја импресионираат за политичкиот вкус малку „недипломатските“ изјави на филипинскиот претседател, во стилот дека САД се „нула од држава“, како и наглото величење на Русија која сега треба да го преземе од САД местото на стратешки партнер и сл. Накратко, понатамошното проширување на воено-техничката и секоја друга соработка со Филипините, па и со други држави, ќе зависи од нивната конкретна надворешна политика во блиска перспектива.
Соработката меѓу Филипините и САД интензивно траеше повеќе од половина век. Таа соработка може да се карактеризира како исклучително блиска. Филипините учествуваа на страната на САД во војните во Виетнам и Кореја. Документот што е потпишан со Москва практично става точка на таа соработка и е последица од несекојдневното „тектонско“ пореметување во односите меѓу довчерашните сојузници.
Филипините сакаат што повеќе да се дистанцираат од каква било зависност од САД кога е во прашање одбраната. Бараат нов стратешки партнер кога е во прашање набавката и одржувањето на современото вооружување и воената опрема. На крајот на краиштата, тие сакаат на тој начин да го превенира евентуалниот контраудар на од Вашингтон и да ги заштитат својата сувереност и независност. А за такво нешто нема да жалат средства. Нивните вооружени сили имаат потреба од итна модернизација во речиси сите свои видови. Според зборовите на руските воени стручњаци, Филипинците се особено заинтересирани за набавка на современи противтенковски средства, како и системи за ПВО. Манила сака значително да ја засили и својата поморска компонента и да се наметне како сила во азиско-тихоокеанскиот регион. За потребите на својата морнаричка пешадија Филипинците покажаа интерес за набавка на руските оклопни возила БМП-3Ф. И нивната авијација е исто така зрела за итна модернизација.
Во првата етапа се очекува обнова на воено-транспортната компонента на вооружените сили со набавка на поголем број хеликоптери Ми-8/17.
Значи, постои сериозен потенцијал за можна воено-техничка соработка меѓу Руската Федерација и Филипините, кој во секој случај би ѝ донел на Русија огромен профит, а од друга страна силно би ги зголемил одбранбените можности на оваа држава.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче