Истата улога тие ја играат и во сириската операција на воздушно-космичките сили на руската армија, каде ја чуваат воената база Хмејмим и градот Палмира.
Следува список на најсмртоносните противвоздушни системи што ги поседува руската армија.
3СУ-23-4 „Шилка“
Овој самоодечки ракетен систем е веќе „во возрасни години“ (направен е 1964), но и понатаму е едно од најпознатите руски достигнувања на 20 век.
Во текот на изминатите пет децении ова оружје е применето во конфликтите во Африка, Виетнам, Авганистан и на Блискиот Исток. Рафалот од оружјето со четири цевки со калибар од 23 милиметри како нож ги засекува сите нисколетачки цели што ќе му се најдат на патот. „Шилка“ исфрла околу 3.400 проектили во минута и претвора во „ронки“ сè што е во нејзин дострел.
Овој смртоносен топ е применуван и против нисколетачки цели (јуришни авиони и хеликоптери), и против непријателска леснооклопна борбена техника, како што беше примерот во Авганистан.
Меѓутоа, техниката постојано напредува, така што гранатите со калибар од 23 милиметри кои се исфрлаат од „Шилка“ не се доволно ефикасни во евентуални судири со нешто посилни оклопни борбени возила. Поради тоа во текот на осумдесеттите години од минатиот век направено е ново противвиздушно оружје кое користи ракети и гранати со калибар од 30 милиметри.
Зенитен ракетно-топовски систем 2С61 „Тунгуска-М1“
Прво оружје од овој вид беше зенитниот ракетно-топовски систем „Тунгуска“. Тој поседува лансери на наведувачки ракети и два топа 2А38М со калибар од 30 милиметри, со темпо на оган од 5.000 гранати во минута.
За разлика од претходниот систем, овој можеше да отвора оган во движење и со помош на ракети да соборува авиони и хеликоптери на висина од 10 километри.
Со текот на времето „Тунгуска“ претрпе мноштво измени и модификации за да може да одговори на предизвиците на новото време. А, меѓу нив, секако, спаѓа и најновиот „Панцир-С1“.
Руски „панцир“
Сегашниот ешалон на руската противракетна одбрана изгледа вака: во првата линија на одбраната е системот за противвоздушна одбрана С-400 кој ги „гледа“ и ги соборува аеродинамичните цели во радиус од 400 километри. Ако низ тој прв ешалон на кој било начин продрат непријателски авиони и ракети, со нив ќе се занимава зенитниот ракетно-топовски систем „Панцир-С1“ кој има два топа со калибар од 20 милиметри и 12 наведувачки ракети 57Э6Е.
Денес „Панцир“ се смета како краен ешалон на заштитата на цивилните објекти, на воените бази и на единиците на терен. Ова оружје е создадено за уништување ракети кои се приближуваат на целта, дури и со хиперсонична брзина, во радиус од 20 километри и на висина од 15 метри до 15 километри. Со други зборови, ракетите се пресретнуваат додека се приближуваат на целта.
Овој модел се разликува од претходните советски модели по тоа што во него системот е практично во целост автоматизиран. Компјутерите од овој зенитен ракетно-топовски систем самостојно ги фиксираат целите во воздух, по што на војникот му останува само да го притисне копчето „старт“ и да го уништи последното офанзивно средство кое по некое чудо продрело низ штитот С-400 и „Тор-М2“.
Во јуни оваа година производителите на оружје ја претставија поморската верзија на системот која во моментов се тестира. По тестирањето рускиот воен врв ќе донесе одлука дали зенитниот ракетно-топовски систем „Панцир“ заслужува свое место во арсеналот на Воената морнарица на Руската Федерација.