МиГ-31
Дмитриј ПичугинДилемата дали и понатаму да се продолжи со производство на исклучителниот ловец-пресретнувач Миг-31 или да се започне работа за развој на нова генерација авиони со слична концепција, покрај руската научна елита ја имаа и народните пратеници. Имено, за првпат за некое оружје се расправаше во Државната дума. Оваа расправа, во која покрај пратениците учествуваа и највисоките воени официјални ликови и експерти од областа на воздухопловството, беше одржана уште во 2013 година. По исцрпната дискусија на собранискиот одбор, пратениците зазедоа став дека треба да се продолжи со производство на авионот Миг-31. Без оглед на неговата старост, современиот пакет на модернизација предвиден за овој апарат гарантира ефикасна одбрана на територијата на Руската Федерација, и тоа како од воздух, така и од космосот, истакнаа парламентарните претставници. Од друга страна, високите воени гости не се сложија со ваквиот заклучок на парламентарната група, истакнувајќи дека авионот Миг-31 е со застарен концепт и дека е потребно да се започне работа на развој на нова генерација ловец-пресретнувач, со многу поголем број можности.
Еволуција на најдобриот пресретнувач
Миг-31 е развиен во седумдесеттите години од минатиот век, со цел да го замени дотогашниот ловец-пресеретнувач Миг-25. Основната замисла беше конструирање летало кое освен брзината и постигнувањето на голема висина на лет, ќе има и задоволувачки маневарски карактеристики како и унапреден радар. Исто така, планирано е да се додаде уште еден член на посадата (оператер за навигација и управување со авионот) за помало оптоварување на пилотот. За да се решат проблемите поврзани со подобрување на маневарбилноста и на самата носивост на авионот, на новиот Миг-31 се во голема мера применети материјали на база на титаниум, а особено алуминиумски легури. Со поголема примена на овие материјали се доби поцврсто, но и полесно летало, кое овозможува поголем оперативен досег на авионот што е неопходен во задачите што се специфични за ловец-пресеретнувач. Подобрена е и погонската група авиони која се состоеше од двопротечни турбомлазни мотори Д-30Ф6 кои овозможуваа авионот со тежина од речиси 40 тони да се донесе до граница на хиперсонична брзина (максималната брзина на Миг-31 изнесува 3.000 километри на час).
Но, можеби и најголемиот напредок е постигнат со интеграцијата на новиот радар. Имено, Миг-31 е првиот ловец во светот кој е опремен со радар со фазна антенска решетка модел РП-31 Н007 „Заслон“. Неговите технички можности за тоа време беа импресивни, и едноставно овој авион немаше достоен ривал на планетарно ниво, кога станува збор за неговиот максимален дострел и бројот на цели. Тој можеше да воочи мети со големина на бомбардер на оддалеченост од над 200 километри (ловец > 120 километри), истовремено следејќи 10 цели. За него посебно се развиени и ракети воздух-воздух со голем дострел, Р-33, кои можеа да ја следат можноста на овој радар и да погодат цел на оддалеченост и до 160 километри на час.
Ремонтот и модернизацијата започнуваат по промената во политичкото раководство во Руската Федерација.
Тогашниот СССР исфрли армија од околу 500 авиони Миг-31. Со неговото распаѓање настапи тешко време за сите, па и за овие авиони. Во средината на деведесеттите години од минатиот век се сметаше дека од вкупниот број авиони што се наоѓаат во вооружените сили на РФ, само 20% се борбено способни! Во меѓувреме руските конструктори, иако во тешка социоекономска состојба, успеаја да направат подобрена верзија на авионот со ознака Миг-31М, која во суштина никогаш не заживеа зашто државата се наоѓаше во катастрофална, речиси умирачка состојба, и немаше пари. Дури подоцна врз база на верзијата Миг-31Б (верзија која имаше можност за дополнување гориво во воздух) развиена е верзијата Миг-31БМ која е усвоена како основен стандард за подоцнежна модернизација на овој авион. Најважната точка во пакетот БМ е интеграција на модернизираниот радар „Заслон-М“ кој може да работи и на оддалеченост од 320 километри. Тоа се цели 120 километри повеќе во однос на базичната верзија на овој радар. Исто така овој радар сега може да открие мета со величина на ловец на оддалеченост од 150, 200, па и повеќе километри. Новиот радарско-електронски систем овозможува истовремено следење до 24 цели, од кои компјутерот или оператерот ја избираат групата најопасни цели и го насочуваат огнот кон нив. Еден Миг-31БМ сега може наместо 4 да гаѓа и до 8 различни цели. За овој авион е развиена и ракета со голем дострел Р-37 која има оперативен дострел од дури 300+ километри. Оваа ракета нема апсолутно никаква конкуренција во светот (американската ракета в-в со најголем дострел AIM-47 „Falcon“ има максимален дострел од 210 километри). Со ваквото вооружување Миг-31ГМ може да пресретнува балистички и крстосувачки ракети, а исто така и да уништува непријателски сателити кои оперираат во блиската Земјина орбита (проект за противсателитски ракети со кинетички воеви глави 79М6 „Контакт“). Борбената патрола составена од 4 авиони Миг-31БМ (види ја сликата) може да покрива простор од околу 380.000 квадратни метри.
Динамиката за модернизација на Миг-31 подразбира оперативно оспособување на уште 60 авиони на стандард Миг-31БМ до почетокот на 2020 година. Се претпоставува дека во редовите на руската војна има повеќе од 100 модернизирани авиони Миг-31БМ.
Основна цел – да се завладее со брзината и со височината
Но, без оглед на навистина одличните карактеристики на модернизираниот авион Миг-31БМ, рускиот воен врв смета дека тоа не е доволно, и се залага за негова замена со перспективниот воздухопловен комплекс за пресретнување на големи височини ПАК-ДА. Ваквиот начин на промислување и од перспективата на авторот на овој текст е добар и логичен потег, со оглед на времињата кои доаѓаат, а кои сигурно ќе доведат до сериозен исчекор особено кога станува збор за развој на хиперсонично ударно вооружување, но и од аспект на понатамошната еволуција на воздухопловната техника и на вооружувањето кое ќе мора да го испрати ваквиот проект. Се поставува прашање, како Миг-31БМ би се изборил со ваква закана, без оглед на тоа што Русите посветуваат големо внимание на развојот на земски системи за ПРО, кои од денешна гледна точка на технолошкиот развој навистина можат да се наречат „семоќни“.
Станува збор за сосема нов концепт на авиони со ознака ПАК-ДП Миг-41. Според зборовите на луѓето кои учествуваат во овој проект, неговите карактеристики ќе бидат вистинска авангарда во однос на постоечките авиони кои моментално се наоѓаат во оперативна употреба. Ова пред сè се однесува на брзината, зашто основно барање е ПАК ДА да биде хиперсонично летало. Неговата проектирана брзина би требало да изнесува 4.500 километри на час. Ова ќе овозможи ефикасна борба со перспективните хиперсонични проектили кои претставуваат основа на ударното ракетно вооружување во претстојните децении. Благодарение на брзиот развој на управувачкиот софтвер, потоа на густите орбитални и земски системи за рано откривање и јавување, планирано е овој авион да стане и далечински управувано беспилотно летало.
Покрај тоа, една од основните задачи е авионот да биде невидлив за противничките радари што е одлика на авионот од 5 генерација, како и да биде оспособен да достигнува височини кои засега се мислена именка. Значи, овој авион, според сè, покрај пресретнувањето хиперсонични проектили кои доаѓаат од космосот, ќе биде и „смрт“ за структура непријателски сателити кои се наоѓаат во Земјината орбита.
Негови главни квалитети се максималната брзина и оперативниот борбен радиус (далечината и плафонот на летот). Маневарските способности кои се важни за воспоставување на воздушната превласт не се на листата приоритети кога станува збор за развој на овој авион.
Доколку се започне со негов развој, овој авион за првпат би можел да го види светлото на денот некаде во интервалот помеѓу 2025 и 2026 година. Со овој прелиминарен временски период согласна е и струката. Судејќи според неговите проектирани карактеристики, Миг-41 или ПАК ДА ќе биде достоен наследник на Миг-31. Со многу нешта Миг-41 ќе биде најдобар авион што некогаш го направила човековата рака. Наоѓајќи се во составот на системот за ПРО каде заедно со земските противракетни комплекси А-235 „Нудољ“ и С-500 „Прометеј“, ќе сочинуваат одбранбен бедем каков што светот нема видено.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче