На Меѓународниот саем на автомобили во Франкфурт, на кој водечките производители го претставуваат своите новитети, руската компанија „Бакулин Моторс Групп“ го покажа „Матрјошка“, првиот домашен електричен автобус без возач.
Рускиот производител очекува дека на саемот ќе најде потенцијални клиенти. „Матрјошка“, како што се истакнува, може да достигне брзина од 30 километри на час, а неговите батерии до следното полнење може да издржат четири часа возење и да поминат 130 километри.
„Матрјошка“ е модуларен систем кој се состои од три елементи. Поради можноста за замена на централниот модул беспилотното возило е достапно во неколку конфигурации, од платформа за превоз на товар до патнички автобус.
Возилото е долго четири метри, широко 1,7 м, а високо 2,7 метри. Силата на електромоторот е 45 kW, а вртежниот момент е 140 Нм. „Матрјошка“ е предвиден за 8 до 12 лица или 1300 килограми.
Според конструкторите, софтверот со чија помош функционира возилото без возач, има способност за самостојно учење, може да ја контролира ситуацијата во сообраќајот во реално време и самото ги избира оптималните рути во гужва.
„Матрјошка“ беше претставен во Москва минатата година, а сериското производство, иако првично најавено за оваа година, е поместено според генералниот директор на компанијата Алексеј Бакулин, до крајот на идната година.
Автобусот е тестиран во Сочи и подмосковскиот научен град Сколково. Планирани се тестирања на Далечниот Исток, а во мај „Матрјошка“ учествуваше на парадата на ретротехника на Невскиот проспект во Санкт Петербург, но под контрола на возач.
„Се надеваме дека до крајот на годината во Русија ќе биде донесен закон за употреба на самоодни возила во затворен простор, за да можеме наредната година да ги почнеме тестирањата во различни услови, вклучувајќи ги и климатските“, вели Бакулин, исткнувајќи дека Русија до 2019 година би морала да донесе и закон за употреба на самоодни автомобили на градските улици за да не заостанува во развојот на пазарот.
Самовозечките автобуси веќе значително се тестираат во Сингапур, Париз, Јапонија, САД и други земји, а во Русија првата сообраќајница за автомобили без возач би можела да биде изградена во Татарстан, каде веќе се вршат испитувања на самовозечки камиони КамАЗ на полигон, како и во Калушката област.
Во Москва отворен полигон за беспилотни автомобили и автобуси