Руски војник се подготвува да лансира дрон во текот на заедничката руско-индиска воена вежба „Индра 2016“ во базата Сергеевски.
Виталиј Анков / РИА НовостиВо Русија се врши тестирање на новото беспилотно летало Т-16, опремено со оружје, соопштува Интерфакс-АВН, повикувајќи се на извори од воено-индустрискиот комплекс.
Според него, беспилотно летало со полетна маса од околу 20 килограми има канард-конфигурација. Пропелерот го придвижува тивок акумулаторски електромотор или погон со горивни ќелии.
Со развојот на новото беспилотно летало се занимава казањската компанија „Еникс“, специјализирана за изработка на мали дронови и воздушни цели. Меѓу проектите на кои работат стручњаците од ова компанија се комплексот „Типчак-РН“ и дроновите „Елерон 3“ и „Елерон 10“.
Врз основа на последниот создаден е и дронот „Валдај“ кој Федералната служба за безбедност го користеше за осигурување на безбедноста на Олимписките игри во Сочи 2014 година.
Како што се наведува на официјалната Интернет-страница на компанијата, таа има сопствена база за тестирање на произведените беспилотни летала.
Во каталогот на компанијата „Еникс“ го нема дронот Т-16. Но, уште минатата година еден од специјализираните блогови објави фотографии од овој апарат од 1 воено-научна конференција „Роботизација на Вооружените сили на Руската Федерација“.
Тогаш авторите на публикацијата ја истакнуваа сличноста на ова летало со израелскиот Orbiter 3b на компанијата Aeronautics Defense Systems, претставен во 2014 година.
Уште пред 10-15 години само беспилотните летала од класата MALE (Medium altitude long endurance) можеа да носат оружје, објаснува рускиот стручњак од областа на беспилотниот систем и главен уредник на списанието „Беспилотна авијација“ Денис Федутинов. Направите од оваа класа тогаш се произведуваа само во две земји во светот – САД и Израел. Израел традиционално не откриваше многу за ударните способности на своите беспилотни летала, па затоа највпечатливи во овој поглед беа примерите на американските беспилотни летала Predator и Reaper.
На надворешните носачи од помалиот модел Predator се наоѓаат противоклопни ракети AGM-114 Hellfire. На поголемото летало Reaper можат да се додадат ласерски наведувачки бомби GBU-12 Paveway II и GBU-38 JDAM. Американските сили во повеќе наврати ги користеа двата типа за целни напади, како оние во Ирак, Авганистан и Јемен.
„Искуството од успешното користење на овие системи за решавање на задачите за извидување и напад не поминаа незабележливо во другите земји. Некои од нив, вклучувајќи ги Кина, Индија, Јужноафриканската Република и Русија, со различен успех развија свои беспилотни летала. Останатите земји мораат или да ги набават достапните системи, или да развијат свои во полесни категории“, вели Федутинов.
Федутинов наведува дека развојот на технологијата доведува до минијатуризација на различни потсистеми на беспилотни летала, со што во голема мера се подобруваат техничките параметри на ваквите апарати.
Според Федутинов, дронот Т-16 има добри карактеристики на летна издржливост, што заедно со нискиот звучен потпис и релативно високата мобилност може да резултира создавање на мошне квалитетен систем за противтерористички и извидувачко-диверзантски задачи.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче