Руска технологија овозможува дроновите да се управуваат со нозе

Vostock-Photo
Новиот систем за контрола на дронови овозможува тие да бидат водени по претходно проектирана слика на месноста и дури и да се игра со нив полувиртуелен фудбал.

На крајот на јули во Калифорнија, на форумот SIGGRAPH 2016 (Special Interest Group on Graphics and Interactive Techniques) студенти од Сколковскиот институт за наука и технологија претставија нов систем за интеракција меѓу човекот и беспилотните летала Light Air. Тој овозможува да се управува дрон со едноставно тапкање со ногата на специјално дизајнирана за оваа цел површина со слика. Новиот систем доби награда од престижниот меѓународен форум на програмерите - Laval Virtual Award.

„Порано компанијата Apple измисли за своите корисници на iPhone гестови, со помош на кои човек може да ја чувствува технологијата како дел од себе. Технологија која дури бебе би можело интуитивно да ја разбере и да ужива во неа – на пример таблет. Ние развивме таков принципиелно нов концепт во која човекот се поврзува со превозните средства“, вели директорот на Лабораторијата за интелектуално-вселенска роботехника на Сколковскиот институт (Сколтех) и раководител на проектот Light Air.

Лесно давање команда

До неодамна дроновите можеа да бидат управувани само со помош на радиоуправувачи. Сколтех предложи да се користи проектор и 3D сензор за скенирање на просторот пред дронот и препознавање гестови на човекот. За да се даде команда доволно е да се тропне на сликата проектирана за дронови.

Како што открива за „Руска реч на македонски“ Михаил Матросов, еден од програмерите и студент во Сколтех, сликата може да се наоѓа на каква и да е мазна површина - пример на асфалтот на аеродромот. „Секоја површина се претвора во екран чувствителен на допир. На трева сè уште не сме ја пробале“, објаснува Матросов. „Според идејата на проектот сликата би можела да се става на ѕидот или на масата, но каде можете да најдете маса на аеродром? Полесно би било да ги користите нозете“.

Можностите за комерцијализација сè уште се ограничени, бидејќи во светот нема многу компании-производители на дронови. „Главното е да докажеме дека лабораторијата со која раководам и која ја создадов во Сколтех, само за една година достигна светско ниво“, вели професор Тетерјуков.

Интерактивно пијано за беспилотни летала

Според зборовите на Дмитриј Тетерјуков новата разработка го прави управувањето на дронови поефикасно и попријатно за човекот. „На пример, ако беспилотното летало испроектира широка карта на месноста, тогаш е доволно да ја допреш со нога соодветната точка за да ја зголемиш сликата и да го посочиш местото каде дронот треба да ја достави пратката“, појаснува професор Тетерјуков.

Кога беспилотното летало ќе пристигне на саканата дестинација со помош на проектираната слика, примачот може да се запознае со содржината на пратката, да ја разгледа од сите страни, да го прочита нејзиниот опис, да го прифати или да го одбие нејзиниот прием. Вака функционира една од апликациите развиени во Сколтех за новиот систем.

Друга апликација е интерактивно пијано. Дронот проектира на површината слика на тастатура. Човекот, скокајќи по неа, би можел да отсвири мелодија и да го натера дронот да „танцува“.

Третата апликација е интерактивен фудбал DroneBall. Дронот ја одредува локацијата на играчот и на неговите нозе, ја проектира сликата на натпреварот и се сели на точката каде што би можел да го неутрализира, за да ја преземе и реагира на неговата игра. Според професор Тетерјуков во иднина со беспилотните летала би можел да комуницира не само човекот, туку и хуманоидните роботи.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња