Сакам да живеам во Русија. Како да го изведам тоа?

Распакување.

Распакување.

Getty Images
Сте решиле да се преселите во Русија? Ако не сте Жерар Депардје кој во 2013 година стана државјанин на Русија со личен указ на Владимир Путин, ќе имате многу работа околу „документите“. Нашиот водич ќе ви помогне да ги избегнете главоболките.

1. Минете во Русија неколку години со студентска виза

Најлесен начин извесно време да минете во Русија е да студирате таму. Можеби дури и ќе успеете да добиете бесплатни студии и место во студентски дом. Многу универзитети имаат квоти за странци кои се доделуваат преку амбасадите. Ако на овој начин се запишете ќе добиете покана врз основа на која ќе добиете бесплатна студентска виза.

На пример, Кореецот Чијун Чхве студира на Санктпетербуршката духовна академија. Тој сака да стане православен свештени и да се врати во Сеул за да врши богослужба за Русите кои живеат таму. Тој одлично зборува руски зашто многу се труди да го научи, а странските студенти живеат во дом заедно со Русите.

И покрај необичната професија, за неговата образовна установа важат вообичаените визни правила: „Ние, странските студенти на Санктпетербуршката духовна академија, добиваме еднократна виза за еден месец, а потоа ја продолжуваме на една година. За продолжувањето на визата се грижи нашиот игумен“. Во некои високообразовни установи може веднаш да се добие повеќекратна студентска виза за една година, а потоа секоја година треба да се продолжува.

Предности:

1) Можете да живеете во Русија 4 години (стандардни основни студии) да видите дали ви се допаѓа, а потоа комотно да се вртите дома или да добиете дозвола за привремен престој по малку поедноставна шема.

2) Со индекс од руски универзитет можете многу евтино да одите во музеи, додека за странците билетот е често поскап. И билетот за градски превоз е двојно поевтин.

Недостатоци:

1) Со студентска виза немате право официјално да се вработите.

2. Најдете работа и потпишете договор на три години.

Друга можност извесно време да живеете во Русија е официјално да најдете работа. Постојат два начина да го постигнете тоа.

1) Дозвола за работа и работна виза

Ова не е варијанта за оние на кои не им е важно што ќе работат. Работодавачот кој прима странец на работа треба навистина да го сака тој работник. Тој мора да добие дозвола за ангажирање странска работна сила, да биде евидентиран во Главната управа за миграција на МВР на Русија, да добие акредитација и да му испрати на странецот покана која тој (работодавачот) ја плаќа. Доколку сте висококвалификуван стручњак, тогаш на работодавачот не му е потребен првиот чекот, а вашата заработка ќе биде над 2 милиони рубли годишно (33,7 илјади американски долари).

Во оваа варијанта ќе морате да најдете работа ПРЕД да се преселите, а потоа да добиете од работодавачот покана за да можете да извадите виза. Исто така мора да обезбедите превод на пасошот заверен од судски преведувач, да излезете пред руска медицинска комисија и да го потврдите своето знаење на руски јазик. Работната виза се дава на три години, но ако решите да преминете од компанија А во компанија Б, ќе ви биде потребна нова покана и нова виза.

„Се обидов официјално да се вработам во Санкт Петербург“, раскажува Ана од Литванија. „Мојата шефица немаше ништо против, но кога дозна колку шалтери треба да помине поради мене ми понуди да работам 'на црно', односно како непријавен работник или да барам друга работа. Работев на црно“.

2) Дозвола за работа

Работната дозвола им се дава САМО на безвизните мигранти и има низа ограничувања. Прво, можете да работите само во струката која е наведена во дозволата. Доколку во неа пишува дека сте механичар, а вие се вработите како кројач, тогаш ќе платите казна и подгответе се за депортација. Второ, дозволата за работа има територијално ограничување. Не можете да добиете дозвола за работа во мал сибирски град, а да работите во Москва. Згора на тоа, дури и да имате дозвола за работа во Московската област, не можете да работите во Москва, но можете да добиете две работни дозволи, па да работите и на едното и на другото место.

Не звучи многу охрабрувачки, нели? Но, затоа работната дозвола се добива мошне лесно, чини околу 20 долари месечно и со неа не мора да плаќате данок на приход.

Алексеј од Украина дошол во Русија за да работи. Ја извадил дозволата за 10 дена без никакви проблеми. „До проблеми дојде кога почнав да ја продолжувам“, раскажува тој. „Дојдов 10 дена пред истекот на рокот и дознав дека е веќе доцна! Затоа морав да се вратам дома и повторно да дојдам во Русија!“

Предности:

Во секое време можете да се вртите дома.

Недостатоци:

Доколку ја изгубите работата морате да се вратите дома. Доколку ја смените работата, морате да ја минете целата процедура од почеток.

3. Извадете дозвола за привремен, а потоа за постојан престој

„Да знаев колку е комплицирано, ќе вадев четири пати годишно нова виза“, вели Анастасија која се преселила од Латвија. „Со годишна виза во Русија можете да се наоѓате 90 од вкупно 180 дена. И така на секои 180 дена. Затоа морате постојано да патувате натаму-наваму и не можете да работите како пријавен работник. А, сега, секако немам право половина година официјално да се работам, па морам и да престојувам тука непрекинато сè дури не добијам дозвола за привремен престој“.

Анастасија има среќа зашто дозволата за привремен престој ја добива независно од квотата, со оглед на тоа дека има статус на преселено лице. Покрај преселено лице ваков статус имаат и:

- оние што се родени во СССР

- сопружници или родители на руски државјани

- деца на работонеспособни руски државјани

- малолетници

- учесници во програмата за доброволна преселба на сонародници.

Издавањето на останатите дозволи (чиј број е ограничен) започнува по Нова година и завршува за неколку дена. По студеното јануарско време луѓето стојат во редица цела ноќ (а, понекогаш и неколку ноќи) за да ја добијат саканата ознака во пасошот. Многумина не ја ни добиваат. Не постои начин со гаранција да добиете дозвола. Доколку видите некој да нуди дозвола за 200.000 рубли (3.5 илјади долари), бидете сигурни дека е манипулант.

Според правилото, за добивање дозвола од корист ќе ви бидат следниве параметри:

- ако имате блиски роднини во Русија;

- ако купите недвижен имот на територијата на Русија;

- ако имате мошне голема сума пари на руска сметка;

- ако избирате соодветен регион (многу е потешко да се добие дозвола за голем град, а полесно онаму каде очигледно нема работна сила);

- ако за вас се заземат претпријатија, организации, дијаспората, национално-културните автономии или државните органи.

За да добиете дозвола за привремен престој во рамките на предвидената квота или по некоја друга основа, најпрво ќе морате да минете лекарска комисија. Педесетина долари ќе ве чини прегледот на физијатар, психијатар-нарколог, дерматолог и венеролог, како и анализа на венерични болести. Тоа трае 3-4 часа. Потоа во истата зграда можете да го полагате испитот по руски јазик, руска историја и руско законодавство (тоа чини околу 60 американски долари).

Ќе положите доколку знаете руски барем на ниво В1, а одговорите на прашањата од руска историја и руските закони лесно ќе ги најдете на Интернет. Испит не полагаат деца, пензионери и оние кои се школувале во Русија.

По една недела, кога ќе бидат готови анализите и кога ќе добиете сертификат кој потврдува дека знаете руски, можете да предадете документи со молба да ви се издаде дозвола за привремен престој. Дојдете два часа пред отворањето, зашто нема да има доволно ливчиња за ред, па ќе морате да дојдете следниот ден. И бидете подготвени да чекате во редица до вечер. Немојте да заборавите заверен превод на пасош и потврда дека не сте осудувани – тоа треба да го обезбедите во својата земја. И задолжително пополнете го образецот. Доколку при пополнувањето не сте сигурни што треба да напишете, подобро е да отпечатите уште еден примерок и да го пополните на поинаков начин. Доколку направите и најмала грешка нема да поминете. Во миграциските центри п правило се дава помош за пополнување образец и тоа се плаќа 3.000 рубли (50 американски долари). Подобро да не ја избегнете оваа можност.

Штом ја добиете дозволата за привремен престој, треба да се пријавите на местото на живеење и да извадите повеќекратна виза (доколку планирате да излезете од земјата). Со дозволата за привремен престој можете да живеете во Русија три години, иако по само една година можете да поднесете документи со молба за постојан престој. Доколку поголем дел од времето сте го минале во Русија, доколку сте пријавени на местото на живеење, доколку имате официјални примања над минималниот месечен приход по член од семејство и не го кршите законот, ќе добиете постојан престој. Тој се издава на пет години, а подоцна можете да го продолжите или да добиете државјанство.

Предности:

Со привремениот, а потоа и траен престој можете да живеете во Русија со речиси истите права како и нејзините државјани. Имате право на бесплатна медицинска помош, можете да работите каде сакате, да го запишете детето во градинка или на училиште. Со оглед н тоа дека сè уште го задржувате своето државјанство, можете без виза да патувате во оние земји за кои на државјаните на Русија им се потребни визи.

Недостатоци:

1) Првата половина година од привремениот престој нема да плаќате 13, ами 31 % данок на приход. Секоја година ќе морате да поднесувате извештај за приходите. Доколку не го сторите тоа по три години нема да добиете дозвола за постојан престој.

2) Ќе морате да се одјавите од адресата во татковината. Можеби поради тоа во вашата земја ќе го изгубите правото на бесплатна медицинска помош – проверете ги вашите закони. А, додека во Русија чекате дозвола за привремен престој не можете да се лекувате бесплатно. Затоа, подобро не боледувајте.

3) Додека чекате да добиете дозвола за привремен престој немате право да работите. Многумина не издржуваат и се вработуваат „на црно“.

4) Доколку во Русија немате пријатели и роднини, ќе ви биде тешко да најдете место за привремен престој. Сопствениците на становите нерадо ја ставаат на располагање својата адреса. За пари можете да се пријавите во некој од таканаречените „гумени станови“, но тоа е противзаконски. И, секако, можете да купите стан.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња