Што треба да знаете за да стапите во редовите на руската армија

Извор: mil.ru

Извор: mil.ru

Се обидовте да стапите во редовите на француската Легија на странци и не успеавте? Без гајле – руската војска формираше сопствена единица од странски државјани за борба во војните на Москва.

Руското Министерство за одбрана минатиот месец соопшти дека странци можат да стапат во руската војска, потег кој очигледно е насочен кон легализирање на статусот на граѓаните од поранешните советски републики кои веќе служат во руската војска, но нејзините редови се отворени за сите странци – под услов добро да зборуваат руски и да имаат чисти досиеја. 

Претседателот Владимир Путин го потпиша новиот указ кој стапи на сила на 2 јануари, пет години откако беше поднесен првичниот предлог. 

Сега „странски воени лица можат да учествуваат во операции за време на воена состојба, како и во оружени конфликти во согласност со генерално усвоените принципи на меѓународното право, меѓународните спогодби и руското законодавство,“ се вели во указот, објавен на веб-сајтот на Кремљ. 

Руслан Пухов, директор на Центарот за анализа на стратегии и технологии, тинк-тенк за одбрана со седиште во Москва, објасни за The Moscow Times дека промената конечно беше имплементирана за да се обезбеди легален статус за месното население кое веќе служи во руските бази во Ерменија и Таџикистан. 

Покрај тоа, додека платите на руските цивили продолжуваат да ги претекнуваат оние што ги нудат договорите за воена служба, на новиот закон се гледа како на начин да се пополни војската со работници-мигранти, изјави Пухов. Официјалната плата на војник под договор во руската армија е 30000 рубљи ($500) месечно. 

Меѓутоа, додека законот може да биде насочен првенствено кон граѓани од блиското соседство на Русија кои веќе работат за руски рубљи, во документот не се напишани  рестрикции кои забрануваат служење во руската војска за државјани на земји надвор од московската традиционална сфера на влијание. 

Портпаролот на Министерството за одбрана Игор Конашенков, телефонски запрашан во понеделникот од The Moscow Times дали, на пример, државјанин на САД би можел да стапи во руската армија, едноставно рече дека насоките за странски професионални војници се наведени на веб-сајтот на Министерството. 

Навистина, веб-сајтот на Министерството за идните професионални војници ги дава сите корисни информации кои се потребни за да стапите во редовите на руската армија – вклучително и каде да најдете офицер за регрутација и да полагате професионални испити за оценка на вашата компетентност.

Служењето гарантира државјанство 

Дозволувајќи им на странски државјани да стапат во нејзините редови, руската војска направи чекор понапред од останатите модерни војски. Обично на странци им се дозволува служење во војска на друга држава само откако ќе добијат дозвола за престој или по специјални спогодби меѓу нивните влади. 

Објавена е новата воена доктрина на Русија
„Уточнувањето на воената доктрина на Руската Федерација е спроведено преку исполнувањето на одлуката на Советот за Безбедност на Русија од 5 јули 2013 година. Измените што се внесени во документот се одобрени на состанокот на Советот за безбедност на Русија на 19 декември 2014 година“, се вели во соопштението објавено на претседателскиот сајт.

Во САД, на пример, странци можат да стапат во војска само ако се постојани жители со зелена карта. Додека самото служење во војската на САД не му дава право на американско државјанство на странец, странските професионални војници ќе имаат право на руско државјанство по завршувањето на нивниот петгодишен договор. 

На овој начин, руската војска зема пример од француската Легија на странци која постои од 1800-те како голема воена единица со странски персонал. Легионерите, кои историски служеле на сите фронтови во војните што ги водела Франција, можат да се пријават за државјанство по три години служба во француската Легија на странци, или веднаш доколку се ранети во акција.   

Меѓутоа, додека Русија прави приклучувањето во нејзината армија да биде лесно, служењето во активна борбена улога може да го загрози државјанскиот статус на странските војници во нивните земји на потекло. 

Иако очигледно не е  незаконски, државјанин на САД не може да биде регрутиран од странска воена сила на американска почва, иако пресудата на Врховниот суд им овозможува на граѓаните да одат во странство со цел да се придружат на странска армија. 

Како и да е, сево ова зависи од тоа за кого се борите и против кого – служењето во туѓа војска која активно се бори против САД или нејзини сојузници ќе биде толкувано како желба да се откажете од американско државјанство.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.