По воведувањето на ембаргото на прехранбените стоки од Европа во 2014 година, во Русија се забележува пораст на земјоделските фарми за екопроизводство, кои се потпираат на платежноспособното побарување во градовите со милиони жители. Овој процес е примамлив не само поради недостатокот на конкуренција на европските производители, но и поради законодавството кое предвидува сериозни олеснувања за земјоделците, дури тие и да не се со руско државјанство.
Русија привлекува странски фармери со најевтина земја. Американецот Џастас Вокер, се преселил да живее во Русија пред повеќе од 10 години, денеска со семејството има фарма во Алтајскиот крај кадешто одгледува кози и произведува сирење. „Најважната инфраструктура за земјоделец е неговата земја. Дури и во споредба со аршинот на Јужна Америка, а да не зборуваме за светските стандарди, земјата во Русија е многу евтина“, тврди земјоделецот.
Џастас Вокер /vk.com
„Во Русија земјиштата се многу плодни, тука може да се одгледува сè што сакате, сè дури имате желба. Дури и зимата не е пречка, бидејќи може да се развива стакленичка фарма“, вели Сим Ојра, руски земјоделец од корејски потекло, кој одгледува лубеници и дињи во Башкортостан.
Сим Ојра / Станислав Шахов
Недостатокот на конкуренција е исто така важен фактор. „Бидејќи нашата генерација фармери сме пионери во новите методи во земјоделството, пазарот практично не е исполнет, а тоа дава одредени конкурентни предности“, вели Ољга Корогодина, соосновач на стакленичката фарма „СуперфудФарм“ („SuperfoodFarm“) во Подмосковјето.
„СуперфудФарм“ / Лична архива
Прво, во 2017 година почетниците-фармери имаат право да аплицираат за субвенции, и ако барањето биде одобрено, да добијат државна помош, вели за „Руска реч на македонски“ шефот на одделот за даночна практика во „Би Ем Ес Лоу Фирм“ (BMS Law Firm ) Давид Капијаниѕе. Освен тоа, во моментов е во функција програмата „почетник-земјоделец“, со која може да се добие грант за развој на сопствен бизнис во земјоделската област.
Второ, според Капијаниѕе за земјоделците се на сила повеќето олеснувања предвидени за малите бизниси. На пример малите претприемачи водат поедноставено сметководство, а освен тоа уживаат предност при купувањето на државен и општински недвижен имот, кој го имаат земено под наем.
Трето, претприемачите кои за првпат отвораат свој бизнис во Русија, може да се потпрат на даночни олеснувања кои, пак, можат да траат до две години. „Не се оданочуваат со ДДВ активностите за продажба на семе за свињи, бикови, овни, јарци и ждребиња, на ембриони за крупен рогат добиток, свињи, овци и коњи“, додава Капијаниѕе.
Сите погоре наведени предности важат за компании, во чиј основачки капитал странските инвеститори имаат удел не поголем од 49%. Во моментов се разгледува варијанта овој праг да биде зголемен, но ако немате руско државјанство, тогаш треба да бидете подготвени да си најдете партнер со локален пасош, бидејќи тоа ќе ви затреба.
Така направил Дејвид Лоренс, кој во 2014 година ја отворил стакленичката фарма „СуперфудФарм“ во Подмосковјето со рускиот партнер Ољга Корогодина. „Ние не сме регистрирани како фарма, бидејќи за тоа постојат строги барања, ја претпочитавме формата на сопственост на друштво со ограничена одговорност (ДОО или ООО на руски) и склучивме договор за поделбата“, вели за „Руска реч на македонски“ Ољга Корогодина. Сега компанијата на Ољга и Дејвид се оданочува по поедноставен даночен систем.
А, што се однесува до државните субвенции, можете да се потпрете на нив, ако се регистрирате како руско правно лице. Тоа го направил францускиот бизнисмен Патрик Хофман: тој нема руско државјанство, но веќе над 10 години развива бизнис во Русија за одгледување на свињи и е сопственик на фармата „Отрада“ во Липецката област. Како и секоја руска компанија „Отрада“ може да добива субвенции. „Веќе 10 години добиваме вакви субвенции“, изјави за „Руска реч на македонски“ Патрик. „Благодарение на напорите кои ги вложивме во развојот на локалната генетика за свињи, неодамна добивме и еднократна субвенција од 230 милиони рубли (3.9 милиони американски долари) од Министерството за земјоделство“, додаде тој.
Преференцијалното кредитирање на земјоделците во Русија се зголемува: во 2016 година на субјекти на мали и средни бизниси во земјоделството се исплатени над 9.2 илјади кредити во износ од 3.2 милијарди американски долари, што го надминува истиот показател за 2015 година – 3.0 милијарди американски долари, соопштија за „Руска реч на македонски“ од службата за односи со јавноста на „Россељхозбанк“, која соработува со руското Министерство за земјоделство и е во топ-4 на најголемите банки во земјата
„Россељхозбанк“ има посебен кредитен производ „Стани земјоделец“ („Стань фермером“). Според неговите услови заемот се обезбедува за период од 10 години, износот не надминува 15 милиони рубли (над 250.000 американски долари). Освен тоа државната поддршка при обновата на дел од капиталните трошоци, исто така важи за субјектите од мали и средни бизниси, појаснија од службата за односи со јавноста на банката.
Иако има евтината земја, инфраструктурата во Русија е неразвиена, забележува Ољга Корогодина. Друг минус, според неа, е практично комплетниот недостаток на квалификувани и вредни работници. „Нема пазар за пласирање на локалното земјоделско производство, бидејќи купувачите засега не ја сфатиле целосно разликата помеѓу локалното и увезеното производство“, вели Ољга.
Фарма во Новосибирската област. Извор: Кирил Кухмар
Друг проблем за руското фармерство се службениците-бирократи, вели Сим Ојра. „Самите тие не произведуваат ништо, но сакаат да ставаат прачка во тркалото. Кон земјата се однесуваат како кон извор на богатење - таа може профитабилно да се продаде и да се изгради“, се жали тој.
Џастис Вокер е убеден дека ако човек тргне да развива свој проект во Русија, не вреди да смета на поддршката на државата. Самиот тој не добил ниту грантови ниту субвенции, бидејќи речиси сите се наменети за Руси. „Просечниот ситен земјоделец може да произведе квалитетна продукција со цена која е малку повисока од цената во супермаркетите“, вели Вокер. „Тоа ќе се бара и ќе има конкурентни предности во споредба со истите овие агрохолдинзи. Главното е државата да не ни пречи“.
Во подготовката на материјалот учествуваа Марија Карнаух и Станистлав Шахов.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче