„Интервјуата со Путин“: за гласовите во САД, Трамп, минатото и иднината

Ројтерс
Американскиот телевизиски канал „Шоутајм“ (Showtime) го заврши емитувањето на филмот во четири продолженија на Оливер Стоун „Интервјуата со Путин“ (The Putin Interviews). Во последниот дел Стоун и Путин разговараат за интервенцијата на руските хакери во претседателските избори во САД, за Доналд Трамп, Јосиф Сталин и за иднината на самиот Путин.

Четиричасовниот филм на Оливер Стоун завршува со грмотевицата од музиката на Џеф Бил (Jeff Beal) стилизирана во руски народен тон, и кадри од пространите сали на Кремљ кои блескаат во злато. Тие се празни - Владимир Путин си вели збогум со Стоун, со кого се сретна неколку пати во текот на повеќе од една година (од декември 2015 година до февруари 2017 година), и си заминува. За што разговараат режисерот и политичарот во последниот дел?

Интервенцијата на изборите во САД

Иако во американскиот естаблишмент и во медиумите постојано изјавуваа дека хакерскиот напад врз серверот на Демократската партија за време на претседателската кампања во 2016 година е организиран од руските власти, во интервјуто со Стоун Путин ги одредува овие тврдења како глупости. „Тоа е многу глупава изјава. Не сме се занимавале со никакви хакерски напади“, вели политичарот и забележува дека Русија, како и секоја друга земја, нема ресурси да влијае на американските избори.

Според Путин причината за губењето на Хилари Клинтон на изборите не се хакерските напади, ами проблемите поврзани со нејзината кампања и нејзината партија. Хакерите, каде и да се, според Путин, не се во состојба да го променат текот на едни избори.

За возврат, претседателот на Русија ги обвинува САД дека всушност тие се мешаат во руските избори. „И во 2000 година, и во 2012 година – секогаш имаше мешање. Но, во 2012 година тоа беше особено агресивно“, тврди Путин. Тогаш сепак не станувало збор за хакерски напади, ами за чести средби меѓу американски дипломати и претставници на опозицијата и изразување поддршка кон неа. Путин смета дека таквото однесување е недопустливо мешање во внатрешните работи на една земја.

Што се однесува до евентуална сајбер-војна помеѓу Русија и САД, за која Оливер Стоун прашуваше на долго и на широко, рускиот лидер одговара двосмислено. Тој признава само дека таков судир може да биде многу опасен, и вели дека во 2015 година Русија се обратила до САД со предлог да се потпише договор за „правилата на однесување во оваа сфера“, но Вашингтон одговорил со молчење.

Доналд Трамп и односите помеѓу Русија и САД

Во февруари 2017 година Путин зборуваше за педесеттиот претседател на САД со воздржувана почит: „Трамп и неговиот тим многу мудро ја изградија предизборната кампања“. Претседателот признава дека додека ги гледал предизборните говори на Трамп си мислел: „Тој очигледно претерува по некои прашања“, но на крајот се покажа дека агресивната и дрска стратегија на Трамп функционира. Одобрувачки рускиот претседател се изјаснува и за тврдењата на Трамп во врска со евентуалното преиспитување на односите со Русија.

Во исто време Путин не очекува големи промени по смената на сопственикот на Белата куќа. На прашањето на Стоун: „Што се менува?“, Тој крева раменици: „Речиси ништо“. Политичарот е убеден дека насекаде, а особено во САД е важна не толку личноста на претседателот како бирократијата, која на крајот ја одредува политиката на државата. Сепак, тој таи надеж за подобрување на руско-американските односи за време на Трамп: „Се надевам дека ќе успееме да најдеме некакви точки за да се разбереме“.

Сталин, богатството на Путин и иднината

Стоун и Путин зборуваа за минатото, дискутирајќи ја ерата на Сталин - еден од најконтроверзните лидери во историјата на Русија. Судејќи според неговите зборови, Путин има двоен однос кон Сталин. Од една страна, тој предупредува на прекумерното демонизирање на оваа фигура и обидите да се нападне современа Русија со споредби со сталинистичкиот СССР. Од друга, како што вели Путин, “не смееме да ги заборавиме ужасите на сталинизмот“ и милионите загинати луѓе за време на неговото владеење.

Во одговор на прашање за неговото богатство (понекогаш западните медиуми го нарекуваат Путин најбогатиот човек на светот), Путин вели: „Не сум толку богат, колку што зборуваат“ и додава дека нема никакви сметки на Кипар или во други офшор-зони. Според него една од неговите основни задачи, кога почнал да владее, била да ги раздели парите и власта, односно да ги истурка од власта олигарсите, кои лобираат за приватни интереси. Кон овој принцип Путин се стреми да се придржува и до денес, вели тој.

Стоун прашува и за претстојните избори во 2018 година и изгледите (дали Путин ќе се кандидира и ќе победи) за управување на Русија до 2024 година. „Тоа нели ве плаши? Човек не свикнува ли на власта?“. Прашањето за неговото учество на изборите Путин го остава без одговор, иако се извинува за тоа: “Има работи кои треба да останат некаква тајна“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња