Во третиот дел од „Интервјуата со Путин“, емитуван на 14 јуни, Путин разговараше со режисерот Оливер Стоун за главните меѓународни настани во кои е вовлечена Русија во последниве години - украинската криза и сириската граѓанска војна. Што мисли за нив рускиот лидер?
Путин го започна разговорот за кризата со власта во Украина (крајот на 2013 - почетокот на 2014 година), која доведе до соборување на претседателот Виктор Јанукович, пристапувањето на Крим кон Русија и граѓанската војна во источниот дел на земјата, со следново признание: Украинците искрено се стремат кон Европската унија. Политичарот нагласува дека големата корупција и нееднаквост во Украина по прогласувањето на независноста, се уште поголеми отколку во Русија во деведесеттите години од минатиот век. „Се разбира, луѓето мислеа дека пристапувањето кон стандардите на ЕУ ќе ги избави од онаа понижувачка состојба во која се најдоа на почетокот на деведесеттите години од минатиот век“, се согласува Путин.
Но, во исто време, смета тој, асоцијацијата на Украина кон ЕУ, за што Јанукович се договори во 2013 година, е нечесна спрема Русија. Таа фактички ги отвораше пазарите на Русија, за кои тогаш беше на сила нулата царинска стапка со Украина, за стоките на ЕУ, нанесувајќи удар на руските производители.
Кога Јанукович, по разгледувањето на проблемите со Путин, го одложи потпишувањето на договорот за асоцијација, во Киев почнаа немирите на Мајдан, поддржани од Запад. „Нашите партнери во Европа и САД го оседлаа коњот на незадоволството на луѓето и наместо да разјаснат што се случува, поддржаа еден државен удар“, нагласува Путин.
Според него, во Украина во 2014 година се случува токму вооружен преврат во кој се активираат десничарските радикали. Грешките на новото раководство на Украина, вклучувајќи ги нивните обиди да го потиснат рускојазичното население во источните региони, ја фрли земјата во хаос и фактички таму настапува граѓанска војна. Според Путин делумно за тоа е виновен Западот, кој зазел еднострана позиција.
„Гледано наназад, грешка ли беше анексијата на Крим (2014)?“, прашува Оливер Стоун, набројувајќи ги негативните последици за Русија: западните санкции и зајакнувањето на меѓународната затегнатост. Претседателот на Русија одговара со насмевка: не реши Русија за присоединување на Крим, ами Кримскиот парламент, избран уште за време на украинската власт, одлучи да одржи референдум за пристапувањето кон Русија. Резултатот е познат - над 96% гласаа Крим да влезе во составот на Русија.
Кога станува збор за руските војници без знаци на распознавање кои се појавија во Крим непосредно пред референдумот, Путин нагласува дека нивната единствена задача била да обезбедат безбедност на кримјаните од евентуалните закани од украинските националисти. „Луѓето треба да се чувствуваат безбедно“, вели претседателот.
По пристапувањето на Крим кон Русија односите помеѓу Москва и Киев нагло се влошија. Сепак Путин смета дека порано или подоцна тие ќе се подобрат. „Со Украина нè поврзуваат илјади нишки. Украинскиот и рускиот народ не се само блиски роднини - тие се речиси исто“, убеден е рускиот политичар.
Во една од сцените на „Интервјуата со Путин“ Путин и Стоун се во оперативниот центар на претседателот, од каде тој се поврзува со руските штабови во Сирија и може деноноќно да добива ажурирани информации за текот на воената операција на Русија во арапската земја. Во одговор на прашањето зошто Русија се вовлекла во сириската криза, Путин вели дека главната цел е да не се дозволи во Сирија да се повтори ирачкото или либиското сценарио, каде по соборувањето на авторитарните водачи настапи целосен хаос.
„Има и утилитарни задачи“, вели политичарот и потсетува дека илјадници Руси и граѓани на поранешните советски републики во Централна Азија војуваат во редовите на ИДИЛ и други терористички групи во Сирија. Не треба да се дозволи тие да се вратат во Русија, нагласува претседателот.
Рускиот лидер е убеден: Русија е единствената земја која се наоѓа во Сирија легално, на покана на легитимното раководство на земјата (претседателот Башар Ал Асад). Путин сепак напомнува: „Во исто време сфаќаат дека и раководството на Сирија исто така допушти одредени грешки во градењето на односите во сопствената земја“. Путин истакна дека во Сирија Русија продолжува да соработува со САД и со земјите од регионот, кои се борат против тероризмот - победата над него останува приоритетна задача.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче