Зошто Русите секоја година го слават Денот на победата со парада?

Варвара Гранкова
„Како вотката ...“, „Зошто Путин ...“ „Руска реч на македонски“ ги собра најпопуларните прашања од Интернет-пребарувачите кои се однесуваат на Русија. Во серијата написи „Зошто Русија“ ние детално ќе одговориме на секое прашање. Денес ќе ви раскажеме зошто Парадата на победата и до денес останува најголемата празнична манифестација во Русија.

Кога социолозите ги прашуваат Русите со што од историјата на својата земја се гордеат најмногу, најпопуларниот одговор останува ист веќе повеќе од 20 години: „Победата во Големата татковинска војна во 1941-1945 година“. Не е изненадувачки, дека Денот на победата над нацистичка Германија на 9 мај е еден од најпознатите народни празници во Русија, кој ги обединува луѓето со различни погледи. Во 2016 година на свеченостите посветени на победата учествуваа околу 24 милиони лица или речиси секој шести жител на земјата.

Еден од најпрепознатливите ликови на празникот, меѓу вечерниот огномет и каранфилите кои им ги подаруваат на ветераните - е московската Парада на победата. Секоја година по калдрмата на Црвениот плоштад маршираат илјадници војници кои ја покажуваат најновата воена техника – како што беше тенкот „Армата“ во 2015 година, на пример, а парадата ја прима лично министерот за одбрана (во моментов таа должност ја има Сергеј Шојгу). Во јубилејната 2015 година за парадата беа потрошени 810 милиони рубли ($ 14.2 милиони), а една година подоцна - 295 милиони рубли ($ 5.1 милиони).

Размерот на руските паради е уникатен феномен. Во Западна Европа и во САД крајот на Втората светска војна не се одбележува со големи воени паради. Кина организираше голема смотра на својата војска во септември 2015 година во чест на 70-годишнината од крајот на Втората светска војна, но тоа беше еднократна акција. Во Русија, сепак, повеќеилјадната парада е годишен настан. Зошто?

Не било секогаш така

Колку и да е чудно во времето на СССР, кој е и победникот во Големата татковинска војна, парадите беа многу поскромни отколку во современа Русија. И се организираа многу поретко. Откако во јуни 1945 година по Црвениот плоштад се одржа првата Парада на победата во кој советските војници ги фрлаа пред мавзолејот на Ленин заробените нацистички знамиња, парадата имаше прекин од цели 20 години.

Како што забележува историчарот Денис Бабиченко, и Јосиф Сталин, и Никита Хрушчов, кој застана на чело на СССР по него, се плашеле дека командантите од Големата татковинска војна можат да се здобијат со силни политички позиции и затоа не ги истакнувале нивните заслугите и заслугите на другите ветерани . До 1965 година Денот на победата дури не бил ни официјален неработен ден.

Првиот советски водач во чие време Денот на победата почнува да се одбележува масовно - на државно ниво и на целата земја - е Леонид Брежњев (државен секретар - највисока позицијата во СССР - од 1966 до 1982 година). Но, и кај него парадите се одржуваат само во јубилејни години. Последната советски парада е во 1990 година, а во текот на првите неколку години на новата Русија поворки воопшто нема. Тие се обновуваат од 1995 година, а нивните сегашни размери започнуваат дури во минатата деценија.

Смислата е во единството

Историчарот Дмитриј Андреев за „Руска реч на македонски“ вели дека за денешна Русија Денот на победата е важна како една од ретките „зацврстувачки алки“" кои навистина ја обединуваат земјата. „Денот на победата и просторот на меморија околу него создаваат импулс за национално единство и согласност“, вели Андреев.

Парадата, огнометот, поворката „Бесмртници полк“ - сите овие ритуали ја отелотворуваат идејата за единство околу заедничката меморија. Власта се труди максимално да ги користи овие ритуали за да се зачува националниот идентитет. Оттаму и широкиот распон при празнувањето на Денот на победата, дел од која е и воената парада.

Московјани понекогаш се жалат дека е непријатно да ја гледаат парадата во живо. „Не може да пријдеш, ништо не се гледа“, забележува блогерот Иљја Варламов. „Таа (парадата – заб. ред.) не се прави за луѓето, ами за телевизиите. Зошто, на пример, не организираат трибини за обичните луѓе?“. Варламов ги критикува властите и затоа дека ги мешаат Денот на Победата - празник поврзан со меморијата и тагата, со „демонстрација на воената моќ“.

Но, на огромното мнозинство од Русите (96% според анкетата на „Левада центар“) парадата сепак им се допаѓа. „Уште од дете со моите родители секоја година ја гледавме парадата“, се сеќава 24-годишната московјанка Јулија Коваљова. „Убаво е да видиш како момчињата маршираат така синхронизирано, да ја видиш моќната техника и да ги чуеш извиците Ура!. Чувствуваш гордост и чувство дека си заштитен. Убава традиција која вреди да се продолжи“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња