На светов нема многу земји кои произведуваат оклопна техника, а уште помалку има такви кои во оваа област претставуваат новитети. Ваква сеопфатна обнова на паркот на оклопна техника во Русија е последица на промената на идеологијата на развојот на војската и почетокот на преминот од масовна армија од мобилизациски тип кон покомпактно и поефикасно вооружување. Армата е платформа врз чија основа ќе биде создадена цела линија тешка техника, која може да дејствува во сложени услови на вооружен судир. Тоа се основниот борбен тенк Т-14 Армата, тешкото пешадиско борбено возило Т-15, топ-хаубицата „Коалиција-СВ“ и блиндираното возило за ремонт и евакуација Т-16.
„Коалиција-СВ“ (Илја Питалјев / РИА Новости)
За неполна година колку што помина од Парадата на победата 2015, стана јасно дека во блиска иднина нема да започне сериското производство на спометата техника. Армата Т-14 до 2020 ќе ја добијат само определени единици на руската војска. Засега е произведена индустриска партија од 20 тенкови. За време на нивната пробна експлоатација во воените единици треба да се покажат недостатоците кои подоцна ќе бидат отстранети пред тенкот да влезе во сериско производство.
Испоракатa на тешките борбени возила за пешадијата Т-15 и топ-хаубицата „Коалиција-СВ“ веројатно ќе започне истовремено со испоракат на Т-14 или малку подоцна. Руската индустрија во меѓувреме го усoвршува производството на делови за Армата. На пример, во 2015 година започна производството на керамичкиот оклоп, на моторот и на радиоелектронските системи за тешката платформа. Истовремено се разгледува можноста за производство на модел за извоз, кој исто така ќе биде врз база на платформата Армарта. Ова би овозможило да се намали цената на еден тенк или борбено возило за руските вооружени сили.
„Курганец-25“ (Александар Вилф / РИА Новости)
Курганец 25 е средна варијанта во тројката новитети на руската оклопна техника, иако е речиси 10 тони потешка од најмодерното борбено возило за пешадијата БМП-3, кое сега го користи руската армија. За разлика од Т-15, Курганец може и да плови. Идните посади на оваа машина ќе можат да сметаат на моќно вооружување и на модерни пасивни и активни системи за заштита. Машината треба да го зачува животот на посадата и на луѓето многу подобро од претходниот модел борбено возило за пешадијата, чија кратенка во војската на шега се толкуваше како „братска могила на пешадијата“ – БМП. Врз база на оваа платформа можни се варијанти со различни модули на вооружување, што ќе овозможи на нејзината основа да се прават и борбени возила за пешадијата (со топовско вооружување) и оклопни транспортери (со митралеско вооружување).
Планирано е тестирањето да заврши оваа година, а сериското производство да започне во 2017-2018 година. Аљберт Баков, прв потпретседател на концерност „Тракторние заводи“, каде се прават платформите Курганец, есента 2015 година изјави дека рокот за завршување на научноистражувачките и конструкторските работи на средната гасенична платформа Курганец 25 се одложуваат за една година и дека државното тестирање ќе започне дури во 2017 година.
Бумеранг со текот на времето во руската армија ќе го замени семејството оклопни транспортери на тркала БТР-80 и БТР-82, како и нивните постари модификации. Новата машина, за разлика од нив, ќе има оклоп кој може да задржи куршум од митралез од голем калибар, па дури и граната, а ќе може и да плови. Освен тоа, на него ќе може да се монтираат различни модули на вооружување, а врз негова основа ќе биде создаден и борбен транспортер и борбено возило на тркала за пешадијата.
„Бумеранг“ (Григориј Сисојев / РИА Новости)
Александар Красовицки, генерален директот на „Военоиндустриската компанија“ која го конструираше новиот оклопен транспортер, веќе на почетокот од 2016 година соопшти дека е започнато тестирањето на Бумеранг. Сериското производство би требало да започне веќе во 2017 година, а за 2019 година е планирана масовна испорака за армијата.
Како што е случај и со моделите Армата и Курганец, производителите се во активна потрага по странски купувачи и партнери, со цел да ги усовршат своите производи. Ова го изјави и Красовицки, истакнувајќи дека неговото претпријатие ќе биде подготвено за извоз на Бумеранг штом ја добие соодветната дозвола од страна на државата.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче