Асоцијацијата на независни агенции за проучување на јавното мислење Gallup International (во Русија е застапена преку холдингот „Ромир“) спроведе анкета во 68 земји од светот, соопштува весникот „Комерсант“. Во истражувањето учествувале над 66.000 лица, а сите одговарале на исто прашање: „Во светот постојат шест земји со голем воен потенцијал. Тоа се САД, Кина, Русија, Франција, Велика Британија и Индија. Замислете дека во случај на воена агресија врз вашата земја би требало да изберете за сојузник една од овие држави. Која би ја избрале?“.
Доколку се сумираат вкупните резултати во целиот свет, на ранг-листата на воените симпатии убедливо водат САД. За нив се изјасниле 41% од испитаниците. Русија со 15% е на второто место, додека Кина со 10 е на третото. Велика Британија го зазеде четвртото место со 8%, а Франција петтото со 5%.
Косово е на прво место според процентот на оние кои сакаат да го штитат САД (92% од испитаниците), додека во Албанија за САД се oпределиле 66% од испитаниците. Во останатите „верни“ американски сојузници се вбројуваат жителите на Јужна Кореја (81%), Израел (68%), Виетнам (66%), Јапонија (64%), Канада (62%), Велика Британија (58%), Франција (54%) и Шпанија (52%).
Според мислењето на директорот на холдингот „Ромир“ и потпретседател на асоцијацијата Gallup International Андреј Миљохин, ваквите резултати од анкетата се логична последица на политиката која Западот ја води во изминативе две-три години. „Сите санкции и притисоци врз Русија што ги практикуваат западните држави на крајот доведоа до тоа и обичните граѓани да ја доживуваат Русија како земја која можеби не им е непријател, но секако не им е сојузник“, вели Миљохин.
Сепак, во многу земји е прилично висок процентот на оние кои со поголемо задоволство се определиле за Русија, одошто за некоја друга од понудените држави. Како што може да се очекува, Русија ја поддржале испитаниците во Србија (58%) и Бугарија (42%), а исто така и во Грција (48%) и во Словенија (30%). „Словенските и балканските народи се традиционално приврзаници на Русија, што е разбирливо со оглед на заедничката историја, верата и традицијата“, вели Миљохин.
Во Турција исто така е голем процентот на оние кои би сакале да бидат под заштита на Русија (23%). „По сè изгледа таму (во Турција) е во тек сериозен антизападен пресврт на народната свест“, претпоставува Александар Баунов, експерт на невладината организација „Московски центар Карнеги“. „Со оглед на одговорите на испитаниците од Грција и од Бугарија, излегува дека во источното Средоземје – во НАТО е формирана чудна заедница на земји во кои населението не ја доживува Русија како противник, ами како сојузник, иако таа е главен конкурент на Северноатлантската алијанса“.
Голем број приврзаници на Русија има во Кина (47%) и во Монголија (71%), а исто така и во Иран (20%), додека во Украина речиси ист е бројот на испитаници кои се определиле за САД (35%) и за Русија (33%). Слична е ситуацијата и во Латвија каде околу 40% од жителите мајчин јазик им е рускиот, а тука е и Ирак.
„Кон Русија гравитираат централноазиските земји кои имаат силни историски корени, како и големите азиски држави кои се ослободија од тешкото колонијално минато“, вели Андреј Миљохин.
Александар Баунов истакнува дека го радува проруското расположение на Кинезите.
„Мило ми е што голем број испитаници во Кина ја избрале Русија како воен сојузник, зашто постарите генерации сè уште го паметат периодот кога нашите две земји беа противници. Тоа ни говори дека нациите кои ја доживуваат Русија како непријател за прилично кратко време можат да ги променат своите сфаќања. Со други зборови, непријателското расположение не е константа. Истото, за волја на вистината, важи и за пријателското расположение“, истакнува Баунов.
Кина како сојузник е привлечна првенствено за жителите на Пакистан (72%) и на Русија (44%). Во Велика Британија пред сè се надеваат на САД (43%), а тука се и земјите од Северна Европа кои ја избираат Америка: Шведска (29%), Исланд (28%), Ирска (25%) и Норвешка (23%). Франција напоредно со Америка ја избраа испитаниците од Белгија (25%).
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче