Како живеат руските војници во Сирија

Максим Блинов / РИА Новости
Репортерот на „Руска реч на македонски“ кој се наоѓа во Сирија се обиде да дознае нешто повеќе за особеностите на животот и за работата на руските војници.

Рано наутро на 4 мај авионот Ил-62 со група од 150 новинари слета од Москва во базата на вооружените сили на РФ Хмејмим во Сирија. Репортерите беа пречекани од делегација составена од руски генерали и полковници, кои раководат со операцијата на воздушно-космичките сили.

Додека излегувавме од авионот на соседната писта на борбен лет тргнаа ловците од поколението 4++ Су-35С.

Операцијата против борците на ИДИЛ и на Џебхат ал Нусра продолжува, без оглед на повлекувањето на мал дел од руските бомбардери и ловци во средината на март годинава, вели началникот на службата за односи со јавноста на Министерството за одбрана на РФ Игор Конашенков.

„Нашите ловци и бомбардери заминуваат во деловите на градовите Рака и Дејр ез Зор, каде се водат тешки и долги борби со борците на ИДИЛ. Полетувањата за операции се извршуваат ноќе и дење. За изминативе четири деноноќија воено-космичките сили на Русија имаат изведено 87 борбени летови“, вели за „Руска реч на македонски“ генерал-мајорот.

Животот на авиобазата Хмејмим

Денот на еден руски војник во Сирија започнува во шест часот наутро со звуците на сирената: станување, постројување во чети и утрински марш од три до пет километри. Потоа војниците имаат десет минути да се средат и да заминат на појадок.

„Тоа е начин на живот. На почетокот не е едноставно, особено кога си во пустина, но потоа се навикнуваш“, вели за „Руска реч на македонски“ еден од војниците, кој е дојден во Сирија од Далечниот Исток.

 

Фото: Николај Литовкин
Фото: Николај Литовкин
Фото: Николај Литовкин
 
1/3
 

 

Според кажувањата на офицерите, во сириската операција служат најдобрите руски војници кои „работат беспрекорно како швајцарски часовник“. Сите војници служат по договор, меѓу нив нема регрути. Има и многу девојки – тие живеат во одделна касарна и работат, во најголем дел, како медицински лица.

На местото можат да се забележат многу радиолокациски системи, а исто така и зенитни ракетно-топовски комплекси „Панцир-С1“ и ЗРК С-400. Обезбедувањето на авиобазата ја вршат и единици за специјални задачи, возушно-десантните единици и морската пешадија.

Војниците кои не извршуваат непосредни воени и одбранбени задачи, се занимаваат со опслужување на сувоземната и воздушната техника: започнувајќи од БТР-82А и оклопните возила Тигар, завршувајќи со борбените хеликоптери Ка-52, Ми-28Н, ловците и бомбардерите.

Во текот на денот војниците, освен утринскиот џогинг, имаат уште два тренинга. Војниците и офицерите ги одржуваат своите сили и борбените навики во спортската сала со тренажери, која се наоѓа недалеку од зоната во која живеат.

На базата исто така има и библиотека, импровизирано кино, каде војниците секојдневно гледаат вести, а во слободните денови играни филмови.

За решавањето на психолошките и духовните прашања, пак, постојат психолог и свештеник.

Според протојерејот Дмитриј Солонин, кога луѓето се наоѓаат на границата на животот и на смртта, размислуваат за она што ќе се случи понатаму.

„Во рововите нема атеисти“, го цитира свештеникот новинарот и добитникот на Пулицеровата награда Ерни Пајл. „Во тоа се уверив за време на 16 службени патувања во точки на судири“.

Работниот ден на руските деминери кај Палмира

Од 2 април годинава Палмира почнаа да ја деминираат инженерите на војската на РФ – повеќе од стотина деминери.

Во местата коишто се во близина на базата, руските деминери сè уште се судираат со терористите од „Џебхат ал Нусра“. Терористите се наоѓаат во градот Сухна на 44 километри од Палмира и постојано се обидуваат да го вратат – дури и доаѓањето на новинарите на полето каде што работат руските деминери беше проследен со артилериска канонада врз позициите на терористите.

Како што вели за „Руска реч на македонски“ началникот на инженерската единица на РФ во Палмира, генерал-лејтенант Јуриј Ставицки, руските деминери исчистиле во градот 825 хектари, 8.500 згради и градби, откриле и деминирале околу 18.000 експлозивни направи.

„Терористите извршиле мошне збиено минирање на месноста. Тие имаат применето нови методи на поставување на нагазните мини, а дел од нив беа поставени на места од кои не можат да се извлечат“, забележува генерал-лејтенантот.

Според него, меѓу терористите имало и сериозно подготвени минери, кои успеале да создадат нови модели на експлозивни направи.

Освен традиционалните единици за деминирање и соработниците од кинолошките единици, се употребуваат и најсовремените роботизирани комплекси „Уран-6“.

Специјалистите од инженерските единици во целост ја исчистиле територијата на Палмира од експлозивни направи и вршат обука на сириските минери. Обичните војници ја чекаат наредбата за собирање на базата и да ја слушнат посакуваната фраза „време е да си одиме дома“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.