Русија тестира најнов ловец во Сирија

Виталиј Анков / РИА „Новости“
Русија во Сирија испрати четири најнови ловци Су-35С за учество во акцијата против терористите на ИДИЛ, изјави официјалниот претставник на Министерството за одбрана на РФ, генерал-мајор Игор Конашенков. Како што вели извор од руската воена индустрија за „Руска реч на македонски“, Москва сака да покаже борбена подготвеност на овие авиони пред нивниот извоз во Кина.

Раководството на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација донесе одлука за првпат во борбени услови во Сирија да ги тестира најновите ловци Су-35С. Станува збор за четири авиони што фабриката за производство на авиони во Комсомољск на Амур им ги испорача на Воздушно-космичките сили на РФ во октомври и во ноември минатата година. Одредот ловци Су-35С полета од воздушната база во Астрахањ. Ловците го надлетаа Каспиското море и преку воздушниот простор на Иран и на Ирак стаса до сириската провинција Латакија.

Според официјалниот претставник на Министерството за одбрана на РФ генерал-мајор Игор Конашенков, минатата недела ловците Су-35С пристапија кон извршување на борбени задачи на воздухопловната база Хмејмим. Конашенков потсети дека од неодамна сите руски авиони кои извршуваат задачи на сириското небо задолжително ги покриваат руски и сириски ловци, како и современи ситеми за ПВО, вклучувајќи ги и С-400.

Зошто Русија испраќа ловци во Сирија?

Кон крајот на 2015 година Русија и Кина потпишаа спогодба за испорака на 24 најнови ловци Су-35. Се проценува дека договорт вреди околу 2 милијарди дилари. Еден ловец чини 83 милиони долари.

„Пред испораката на Кина ловецот Су-35С Министерството за одбрана и руската државна компанија 'Рособоронекспорт' треба да ја тестираат техниката во вистински борбени услови. Тоа е неизоставен дел од секој военоиндустриски договор“, соопштува за „Руска реч на македонски“ извор од воената индустрија на Русија.

Нашиот соговорник истакнува дека неодамна ловецот од американското воено воздухопловство F-22 „Raptor“ изврши „показен“ борбен лет од воздухопловната база во Италија на територијата на Ирак и на Сирија, со цел на нарачателите да им ги демонстрира можностите на леталото во борбени услови.

„Благодарение на учеството на руската авијатичката група во Сирија веќе сега е значително зголемен интересот на странските купувачи за руските авиони: како за старите модели Су-24 и Су-24М, така и за најновиот бомардер Су-34. Арапските медиуми соопштуваат дека една од земјите на арапскиот полуостров и една африканска држава планираат да купат Су-34“, истакнува изворот на „Руска реч на македонски“.

Според него, борбените летови на Су-35С во Сирија ќе биде одлична потпора за понатамошна продажба за ова летало на светскиот пазар.

И Индонезија во ноември 2015 година донесе одлука за купување на најновите руски ловци. Во овој момент „Рособоронекспорт“ преговара за испорака на Су-35 со претставници на Обединетите Арапски Емирати.

Турција се заканува

Деновиве единиците на Военото воздухопловство на Турција се доведени во состојба на целосна борбена подготвеност со образложение дека, наводно, руски авион Су-34 го повредил воздушниот простор на Турција. Москва ова тврдење го демантираше.

„Во услови на сегашната политичка ситуација авионите Су-35 се испратени како зајакнување на групата Воздушно-космички сили во регионот. Станува збор за многуфункционални ловци кои може да се применат како за освојување на воздушниот простор, така и за уништување на цели на земјата“, вели директорот на Центарот за проучување на стратешки ситуации Иван Коновалов.

Тој истакна дека „портокаловото“ ниво на опасност им овозможува на пилотите од Военото воздухопловство на Турција да реагираат на секоја опасност и самостојно да донесуваат одлуки. Отсега пилотите на секој турски ловец ќе може да отвори оган на руски авион доколку смета дека тој претставува опасност за Турција.

Су-35 е мултифункционален ловец од генерацијата 4++. Ова е последен борбен авион направен врз основа на платформата Т-10С кој послужи како основа за ловците од генерацијата Су-27/Су-30 и нивните модификации. Во прашање е концепциски ново летало со аеродинамика на Су-27 и со елементи на радиоелектронска опрема на борбената авијација од петтата генерација. Во рамките на актуелната државна програма за вооружување Возушно-космичките сили до 2020 година треба да добијат 96 авиони Су-35С.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња