Репортажа од Палмира: Што ќе се случи со градот на УНЕСКО

Ројтерс
Репортерот на „Руска реч на македонски“ се сретна со војниците на руската и на сириската армија кои учествуваа во ослободувањето на Палмира од ИДИЛ, а исто така се обиде да дознае каква ќе биде иднината на градот кој е ставен во списокот на културно наследство на УНЕСКО.

Рано наутро нашата автомобилска колона замина на 300-километарски марш од Латакија во Палмира.

Автомобилите со новинарите одат во придружба на надземните и воздушно-космичките сили на РФ. Од земјата движењето на автомобилите го обезбедуваат неколку БТР-82 и Тигри (руски „Хамери“) со војници од одделот за специјална намена. Од воздух колоната ја обезбедуваат „Крокодилите“ Ми-24 и „Алигаторите“ Ка-52.

Панцир С1 и локатори

На секои пет до десет километри од патот наидуваме на стража од националноослободителната армија. Откако ја видоа колоната со руска оклопна техника и автомобилите со новинарите, луѓето почнаа да мавтаат.

Контролните пунктови се направени на различен начин. Некаде има само насипи. Во определени делови постојат вистински утврдувања со ровови и окопи за тенкови и за артилерија. Како што објаснуваат руските војници, во овие делови се случуваат постојани судири со терористите.

По шест часа доаѓаме до ослободената Палмира. Нашето доаѓање е проследено со артилериска канонада: сириската армија стрела врз позициите на борците од ИДИЛ. Претходниот ден во градот Сухна на 15 километри оттука се воделе големи борби.

Сега во Палмира се наоѓа времена база на вооружените сили на РФ со самоодечки зенитни ракетно-топовски комплекси „Панцир-С1“ за покривање на војската и на деминерите што работат тука од воздушен напад. Освен тоа, видов уште неколку радиолокациски станици, но ништо повеќе. Информацијата за техниката на руската воена база се составува.

„Мал бизнис“ на терористите од ИДИЛ

На местото на некогашниот огромен туристички град останати се само полуурнати згради. Се гледаат траги и артилерија и од тенкови. Се чини дека нема ниту еден ѕид кој не е изрешетен со куршуми и со автоматски рафали.

Како што вели за „Руска реч на македонски“ еден од војниците на сириската армија, најтешките борби не се случувале во историскиот дел на Палмира, туку во делот од градот со тесни улички и со збиени нискокатни градби.

„Во тие борби руската авијација нема земено учество. Борбите ги водеше само пешадијата (армијата на Ал Асад), доаѓаше дури и до борба со ножеви“, се сеќава на настаните од тие денови сирискиот војник.

Според него костурот на борците на ИДИЛ се странци кои го прифатиле исламот и дошле да учествуваат во граѓанската војна. „Некој е дојден од свои идеолошки причини, некои се дојдени по пари, а други едноставно сакале војна“, вели војникот.

Според него, само дел од војниците биле професионалци. Останатите, пак, „не знаеја што да прават за време на офанзивите: можеа да се ориентираат во просторот и да ги најдат огнените точки или засолништата“.

Дел од војниците се занимавал со „мал бизнис“ со жителите што се нашле во окупираните делови. За пари тие можеле да изнесат човек или неговото семејство од градот, да го доведат до последниот контролен пункт во предградијата на Палмира и да го пуштат „на слобода“.

Слобода значи да се најдеш сам без јадење и без вода насреде пустина на сто километри од патот до градот Хомс. Ваквото „бегање“ ги чинело луѓето сè што имале, а често терористите едноставно го стрелале бегалецот по „ослободувањето“.

„Голем дел (од Палмира) може да се обнови“

Симфонискиот оркестар на Мариинскиот театар под раководство на Валериј Гергиев на 5 мај организираше бесплатен концерт во историскиот дел на Палмира за локалните жители и за војниците кои учествуваа во ослободувањето на градот.

Како што забележа познатиот диригент, овој настап е за сеќавање на луѓето што го дадоа својот живот, бранејќи ја Палмира. „Нашиот концерт претставува повик до сите да ги заборават и своите несогласувања пред заканата за тероризмот и да ги обединат своите сили за обновување на градот“ вели Гергиев во разговор за „Руска реч на македонски“.

Како што вели за „Руска реч на македонски“ директорот на Државниот музеј „Ермитаж“ Михаил Пиотровски, уривањата во Палмира се помали одошто, се очекувало. „Навистина, уништени се 50% од градот, но голем дел од тоа може да се обнови. Мислам дека ќе бидат потребни пет до седум години за да се обнови ликот на Палмира“, забележува експертот.

Според амбасадорот на Русија при УНЕСКО Елеонора Митрофанова, проблем со средства за обновување на градот нема да има. „Парите ќе бидат издвоени од Фондот за поддршка на наследството. Тоа се средства што се вложени од сите земји учеснички во организацијата. Сега е неопходно да се спроведе експертиза: да се оценат финансиските трошоци и создавање план за обновување на градот“, вели рускиот дипломат.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња