Наришкин: На изборите се поканети меѓународни набљудувачи, но не и ПССЕ

Со ускратувањето на правата на руската делегација Парламентарното собрание на Советот на Европа го направи своето присуство како набљудувачи за претстојните избори за Државната дума да биде невозможно, изјави претседателот на Руската државна Дума Сергеј Наришкин.

Со своите недемократски одлуки кои се во спротивност со општо прифатените норми на демократијата и парламентаризмот, а со кои ги ограничи правата на руската делегација, Парламентарното собрание на Советот на Европа доведе до тоа неговото присуство како набљудувач на руските парламентарни избори да биде невозможно, изјави Сергеј Наришкин, пренесува  „Взгљад“.

„Очигледно е дека ќе бидат поканети претставници на Парламентарното собрание на ЗНД, ОДКБ, Парламентарното собрание на Русија и Белорусија и секако на Парламентарното собрание на ОБСЕ“, изјави претседателот на руската Дума.

Францускиот пратеник Жан-Клод Мињон претходно оваа недела рече дека ускратувањето на правата на руската делегација во рамките на Парламентарното собрание на СЕ е голема историска грешка и изрази надеж дека ќе ѝ бидат вратени овластувањата.

На чело на руската делегација на седницата на Парламентарното собрание на ОБСЕ која ќе се одржи од први до петти јули ќе биде пратеникот во Думата Николај Коваљов, рече Наришкин.

Руската делегација ќе учествува во сите предвидени дискусии вклучувајќи и разгледување на три резолуции кои ќе бидат предложени од страна на РФ во врска со, меѓу другото, и ускратувањето на можноста за воведување на политички санкции спрема пратеници и борбата против неонацизмот, рече Наришкин.

 

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња