Сè помалку причини за ПССЕ

Ројтерс
Парламентарното собрание на Советот на Европа донесе резолуција во која ја обвини Русија за агресија врз Украина. Експертите претпоставуваат дека документот нема да донесе никаква практична полза, ами само ќе ги засили позициите на оние руските политичари кои се залагаат за излегување на Москва од ПССЕ.

На 25 јуни ПССЕ донесе резолуција која предизвика нервозна реакција кај руските политичари и чиновници. Во документот кој е формално посветен на прашањето на исчезнатите лица за време на конфликтот во Украина, Москва беше наречена агресор, а Крим, пак, окупирана територија. Пратениците ја повикаа Русија „да ги ослободи сите оние што биле незаконски заробени на украинска територија“, да изврши истрага за „насилните грабнувања, тортурата и политички мотивираните убиства на украинските активисти и членови на кримско-татарската заедница“, да ги реализира Минските спогодби, „да ја отповика незаконската анексија на Крим“, „да ја повлече сета своја војска од територијата на Украина“, да ја ослободи украинската државјанка Надежда Савченко. Дури потоа на руската делегација ќе ѝ биде вратен гласот во ПССЕ.

Руските политичари во оваа резолуција не видоа ништо сензационално. „Резолуцијата на ПССЕ фактички го потврдува истиот оној негативен статус-кво кој беше создаден помеѓу Парламентарното собрание и Русија како резултат на донесувањето санкции против руската делегација на јануарската сесија на ПССЕ“, објасни претседателот на Државната дума за меѓународни работи Алексеј Пушков. Москва нема намера да ја исполнува истата. „Заинтересирани сме за соработка со ПССЕ, но според рамноправни услови. Доколку условите се дискриминаторски, ние не сме подготвени за соработка“, вели спикерот на Советот на Федерацијата Валентина Матвиенко.

„Агресивните изјави на ПССЕ кон Русија се слушаат не затоа што таму седат некакви поинакви Европејци, туку зашто нивната реална одговорност и учеството во донесувањето одлуки е мизерна. Затоа и не постои потреба да се истапи со реторика која е во согласност со практичните интереси“, објаснува за „Руска реч на македонски“ доцентот на Вишата школа за економија Дмитриј Офицеров-Бељски.

Точката од која нема враќање е сè поблизу

Во моментов ПССЕ, кое ја лиши Русија од правото на глас во Собранието, ги исцрпи сите инструменти за притисок врз Москва. Теоретски пратениците можат да отидат и понатаму и да иницираат излегување на Русија од Советот на Европа, но тие немаат намера да го сторат тоа. Официјалната причина за тоа, според претседателот на ПССЕ Ан Брасер, е дека од таквата одлука ќе настрадаат обичните Руси (државјаните на РФ повеќе нема да бидат под заштита на европската Конвенција, која ги гарантира основните права и слободи на човекот). Неофицијалната верзија, пак, е таа дека Русија е еден од шесте основни спонзори на оваа организација, со што се обезбедува 10% од буџетот. Освен тоа, исклучувањето на Русија, според експертите, ќе го лиши ПССЕ од општоевропскиот статус.

Меѓу другото, за излез од ПССЕ размислува и самата Русија. Политичарите велат дека такво нешто е можно, доколку на следното гласање што ќе се одржи на почетокот на 2016 година на руската делегација ѝ бидат продолжени ограничувачките мерки.

Приврзаниците на ваквиот чекор уверуваат дека, всушност, учеството на Москва во Советот на Европа и во ПССЕ не носи никаква полза. „Членството на Русија во Советот на Европа и во Парламентарното собрание на оваа институција претставува атавизам од епохата на Елцин. По неколку децении спротивставување и по распадот на СССР комплексот на нецелосност што го имаше руското раководство, ја тераше Москва да бара членство во најразлични меѓународни организации. Тоа беше направено за да се прикаже единството со Западот“, вели за „Руска реч на македонски“ професорот по право на Вишата школа за економија Александар Домрин. Според него, дури и мораториумот на смртната казна што Москва мораше да го стави пред стапувањето во Советот на Европа, не донесе ништо добро за Русија. „Во две третини од американските држави смртната казна е актуелна и помага во борбата против криминалот. Во Русија по воведувањето на мораториумот се случи бум на криминалот“, уверува експертот. Наместо тоа Александар Домрин предлага да се градат односи со земјите од ЕУ на билатерална основа.

Дмитриј Офицеров-Бељски не се согласува со него. „Тоа ќе биде точка во односите помеѓу Русија и Европа од која нема враќање. Невозможно е да се влегува во едни или во други организации и да се излегува од нив секој ден. Од таквиот тек на настаните нема да добие ништо ниту Русија, ниту, пак, Европа, но на него ќе се радуваат оние преку океанот“, појаснува експертот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња