Извор: РИА Новости
Претседателот на Русија Владимир Путин ги обвини САД за распаѓањето на системот на меѓународната безбедност и рече дека приоритетна задача е изградба на нов систем на односи за избегнување светски и внатрешни конфликти. Рускиот лидер ова го изјави на 24 октомври во Сочи за време на заседанието на меѓународниот дискусионен клуб Валдај, на кој се собираат експерти од десетина страни.
Според Путин, Москва нема намера да се изолира од надворешната политика, без оглед на санкциите и на влошените односи со западот поради конфликтот во Украина. Кремљ е отворен за дијалог и за нормализација на односите. Русија е исто така подготвена за разговор за нуклеарното разоружување.
За политиката на САД и за новиот светски поредок
Како што рече Владимир Путин, монополарниот светски поредок покажа дека не може да се потпре на држава-хегемон. Според него ваквата нестабилна конструкција ја покажала својата неспособност ефикасно да се бори со закани како што се регионалните конфликти, тероризмот, трговијата со наркотици, религиозниот фанатизам, шовинизмот и неонацизмот. „Според својата основа монополарниот свет претставува апологија на диктатурата, и над луѓето, и над земјите“, смета Путин.
Претседателот забележа дека денес не постојат гаранции за тоа дека постоечкиот систем на глобална и на регионална безбедност може да спречи потреси.
„Претходно новиот светски поредок кој ги определуваше правилата на игра и на однесување на државите, беше граден како резултат на големи војни. Земјите-победнички заседаваа во Јалта, во Постдам и правеа нови закони за заемните односи: принципи за непроменливост на границите, принцип на самоопределување на нациите, создавање на Организацијата на Обединетите Нации“, изјави за „Руска реч на македонски“ претседателот на институтот за стратешки оценки Александар Коновалов.
Според Коновалов сега потребата од нов систем е потребна од кога и да е претходно, за да не дојде до војна која би го определила светскиот поредок. „Студената војна заврши, но немаше ниту мировен договор, ниту усогласување на принципите за заемни односи. Тие треба да бидат создадени, но никој не знае кој треба да се зафати со определувањето на новиот светски поредок“, подвлекува Коновалов.
Украина и последователните конфликти
„Разликата помеѓу говорот на Путин сега и оној во Минхен, е во тоа што во 2007 година претседателот само протестираше против политиката на САД. Сега Русија активно се спротивставува на политиката на Вашингтон во однос на Украина и на Сирија. Основната теза на неговиот настап е во тоа што монополарниот свет не ги зема предвид руските интереси, а Москва и понатаму ќе ги брани своите позиции во врска со прашањата што се клучни за неа“, вели за “Руска реч на македонски“ заменик-директорот на Центарот „Карнеги“ Дмитриј Тренин.
Како што забележа Тренин, Русија нема намера на себе да ја презема улогата на хегемон и на светски судија, но ќе ги брани своите позиции.
На своето излагање во Сочи Путин предупреди дека сега расте веројатноста за нови регионални конфликти и тоа ако не со директно, тогаш со индиректно учество на големите земји. „Притоа фактор за ризик не се само традиционалните меѓудржавни противречности, туку и внатрешната стабилност на определени држави. Ова е особено актуелно кога станува збор за земјите кои се наоѓаат на границите на геополитичките интереси на големите држави“, рече тој.
Според него, Украина е конфликт од токму таков карактер. Путин подвлече дека Русија укажуваше на избрзаноста на заткулисните решенија за асоцијација на Украина во ЕУ и на тоа дека тие со себе носат сериозни ризици, меѓу кои и за Русија како најголем трговски партнер на Украина.
„Но, нас тогаш не сакаа да не слушаат, рекоа: 'Тоа не е ваша работа'. И наместо сложен, и, ќе подвлечам, цивилизиран дијалог работата дојде до државен преврат. Земјата беше турната во хаос, се случи распад на економијата и на социјалната сфера, работата дојде до граѓанска војна со огромни жртви“, рече претседателот на Русија.
„Изгледа дека оние, кои бескрајно прават некакви нови 'револуции во бои', себеси се сметаат за генијални уметници, не можат никако да се запрат и воопшто не размислуваат за последиците“, додаде рускиот претседател.
Политикологот Дмитриј Бабич, во интервју за “Руска реч на македонски“ изјави дека есенцијата на говорот на Путин е во тоа дека Русија повеќе не може да се однесува онака како што се однесуваше во деведесеттите години од минатиот век, односно да ги игнорира грешките што ги прави Западот. „Претходно Москва тргнуваше од тоа дека Западот претставува сила на добрина и дека може да му се простат некои пропусти. Сепак, сега под закана е безбедноста на Русија“.
Според Бабич, Русија била принудена да реагира на несмасните обиди со помош на радикалните исламисти да биде соборен претседателот на Сирија Башар ал Асад и на смената на власта во Киев. Притоа Путин настојчиво се обидува да има му ја објасни својата позиција на Западот. Тој им се обраќа на своите опоненти, зборува за нивните интереси и за можните загуби, на пример, економски. „Сепак, во Вашингтон и во Брисел Путин, најверојатно, нема да го слушнат. Нема да го слушнат неговиот повик за создавање нов систем на меѓународни односи. Не сум сигурен дека публиката е правилно избрана, со оглед на тоа дека Валдајскиот форум е составен 80% од вестернизирани земји. Потенцијалот на внимателен дијалог со Западот е исцрпен уште за време на Буш-помладиот, а прв сигнал за тоа беше конфликтот во Јужна Осетија во 2008 година“, потсетува Бабич.
Впрочем, според политикологот, повикот на рускиот претседател можат да го слушнат земјите како што се Кина, Индија, Бразил, ЈАР.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче