МНР РФ:опасност од неуспех на договорот со САД за Сирија поради опозицијата

Поради непочитувањето на режимот на прекин на огнот од вооружената опозиција во Сирија може да пропадне договорот меѓу Москва и Вашингтон, соопшти МНР РФ по средбата на специјалниот претставник на претседателот на РФ за Блискиот Исток, заменик-министерот за надворешни работи на Русија Михаил Богданов со амбасадорот на Сирија Ријад Хадад.

„Во текот на исцрпниот разговор се дискутираше за развојот на воено-политичката ситуација во Сирија и околу неа, со фокус на спроведувањето на руско-американскиот договор од 9 септември оваа година за намалување на степенот на насилство во таа земја и консолидација на напорите за спречување на терористичката закана и нејзина подоцнежна елиминација“, се вели во соопштението на сајтот на МНР РФ.

„Притоа беше потенцирана итната неопходност од почитување на режимот на прекин на борбените дејствија од страна на опозициските вооружени групи кои вршат многубројни провокации и нарушувања на примирјето, што ја загрозува реализацијата на режимот на прекин на борбените дејствија и руско-американскиот договор“, истакнува рускиот дипломатски ресор.

„Од руска страна беше потврдена континуираната приврзаност на Москва кон принципите за регулирање на сириската криза преку најскоро започнување на преговарачкиот процес меѓу делегациите на Владата на САД и сириската опозиција без предуслови врз основа на резолуцијата 2254 СБ ООН и одлуките на Меѓународната група за поддршка на Сирија“, додаваат од МНР РФ.

Претходно во понеделникот вооружените сили на Сирија соопштија дека завршил рокот за прекин на огнот.

Исто така, беше соопштено дека сириската армија се вратила на претходно напуштените позиции за да одговори на нападите на терористичките групи, затоа што милитантите на вооружената опозиција не го почитуваат примирјето.

Генералштабот на ВС Русија исто так изјави дека, имајќи предвид дека условите за режим на прекин на огнот во Сирија не се исполнуваат од страна на милитантите, Русија смета дека почитувањето на примирјето единствено од страна на армијата на Сирија е бесмислено.

Притоа државниот секретар на САД Џон Кери изјави дека режимот на прекин на огнот продолжува, а претставниците на Русија и САД се среќаваат во Женева за да ја оценат ситуацијата, пишува „Взгљад“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња