- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
1. Најстар универзитет во Русија
Московски универзитет е основан во 1755 година со декрет на царицата Елисавета Петровна. Концепцот на образованието и проектот на универзитетот ги подготвил првиот руски академик Михаил Ломоносов. За волја на вистината, МГУ ќе го добие неговото име дури во 1940 година.
И грбот на МГУ денес е украсен со зборовите на Ломоносов „Науката е јасно спознавање на вистината, просветлување на разумот“ (Тој цитат од неговата „Реторика“ во целина гласи вака: „Науката е јасно спознавање на вистината, просветлување на разумот, непорочна радост на животот, пофалба на младоста, потпора во староста, градителка на градови, воени полкови, тврдина на успехот во несреќата а украс во среќата, насекаде верен и неразделен сопатник“.
Покровител на основањето на оваа научна институција бил ученикот на Ломоносов и миленик на Елисавета Иван Шувалов, кој го претставил проектот на царицата. Тој е именуван и за прв старател на универзитетот.
Се смета дека роденденот на Московскиот државен универзитет е 25 јануари, познат и кало Татјанин ден. Шувалов го одбрал тој датум затоа што тоа бил роденден на неговата мајка. При МГУ постои и храм на светата маченица Татјана.
Роденденот на Московскиот државен универзитет се смета за 25 јануари, познат и како Денот на Татјана. Шувалов го избрал тој датум бидејќи бил роденден на неговата мајка. Во близина на МГУ има и храм на светата маченичка Татјана.
На статусот најстара високообразовна установа всушност претендираат два универзитета - Московскиот и Санктпетербуршкиот (мислењата на историчарите се поделени, едни сметаат дека вториот е наследник на Академијата на науките основана од Петар I во 1724 година, а други дека тоа е реорганизиран педагошки универзитет основан 1819 година).
Како и да е, химната на МГУ гласи: „Тој е Наш! Тој е Прв! Тој е Московски!“
2. До 1953 година главната универзитетска зграда се наоѓаше спроти Кремљ
Првата зграда на МГУ не е зачувана. На почетокот на Универзитетот му биле доделени просториите на Земскиот приказ (централниот орган на државната управа) на Црвениот плоштад (денес на тоа место се наоѓа Историскиот музеј). Но, таа зграда не ги задоволувала потребите на образовната установа, па во 1780-тите за неа била изградена нова на улицата „Моховаја“, исто така спроти Кремљ.
Студентите сè уште посетуваат настава во таа зграда на улицата „Моховаја“ бр. 11, најстарата од сите во сопственост на Московскиот државен универзитет. Денес таму се наоѓа Институтот за земјите од Азија и Африка при МГУ.
Во текот на 1830-тите за потребите на универзитетот е купена уште една зграда (изградена во 1790 година) малку подолу по улицата (денес на адресата „Моховаја“ бр. 9 се наоѓа Факултетот за новинарство), како и храмот „Св. Татјана“ при Универзитетот. Подоцна Универзитетот го зазел целиот градски кварт и добил своја печатница, научна библиотека и зоолошки музеј.
3. Главната зграда е еден од „Сталиновите облакодери“
Пред револуцијата од 1917 година беше престижно да се студира на Московскиот универзитет, а само мал број луѓе можеа да си го дозволат тоа. По револуцијата се изврши демократизација на образованието, така што нагло се зголеми бројот на студенти, а истовремено се реорганизираа установата и органите на студентската самоуправа. Во составот на МГУ беа вклучени и Вишите женски курсеви. Тогаш, за прв пат, на жените им беше дозволено да се запишат на универзитетот и таму да предаваат.
Кон крајот на 1940-тите Сталин испланира изградба на неколку облакодери во Москва. Планирано беше облакодерот на Ленински (Воробјови) гори на свиокот на реката Москва да служи како хотел. Но, раководството на МГУ толку усрдно молеше да ја добие таа зграда, што Сталин прифати и ја додели зградата на Универзитетот. Така се покажа дека МГУ е највисокиот Сталинов облакодер, чија главна зграда има 32 ката, а зградата заедно со шилецот е висока 235 метри.
Истовремено, во близина на главната зграда во ист стил се изградени уште две крила за Хемискиот и Физичкиот факултет.
4. На „Ломоносов“ му припаѓаат уште стотици згради
Денес на Московскиот државен универзитет му припаѓаат стотици згради ширум Москва и надвор од неа. Главниот комплекс има површина од неколку стотици хектари.
Покрај низата згради во центарот на градот и повеќе од десетина посебни крила на Воробјови Гори во кои се одржува настава, МГУ има и неколку библиотеки, научноистражувачки центри и лаборатории, сопствена печатница, ботаничка градина, неколку музеи, атлетска арена, како и фудбалски и тениски терени и уште многу повеќе.
Има и свој здравствен дом, метеоролошка опсерваторија и сопствен нуклеарен центар.
5. Сега универзитетот има 43 факултети!
А исто така и повеќе од 300 катедри и седум ограноци во други земји (меѓу нив се поранешните републики на СССР и Словенија).
На почетокот, во 1755 година, универзитетот имаше само три факултети: Филозофски, Правен и Медицински. Во XIX век ним им биле додадени одделенија за физика-математика и книжевни науки. По револуцијата од 1917 година е извршена реорганизација и се појавуваат нови факултети со фундаментални дисциплини: Хемиски, Биолошки, Механичко-математички, Физички, Историски, Геолошки, Географски, Филолошки и Економски.
Во 1952 година од Филолошкиот се одделува Факултетот за новинарство, а во 1973 година од Биолошкиот се одвојува Факултетот за педологија. Се појавуваат и Факултет за психологија, Факултет за компјутерска математика и кибернетика и Институтот за земјите на Азија и Африка.
Во текот на 1980-тите и 1990-тите, сопствени факултети добија научните области како социологијата, странските јазици и регионалните студии, науката за материјали, фундаменталната медицина, државната управа и воената обука. Денес на МГУ се изучуваат и биоинженерството, меѓународната политика, бизнисот, телевизијата, менаџментот во хуманистичката сфера и многу други области.
Покрај тоа, на „Ломоносов“ има и едукативен центар за ученици од повисоките класови чиј приоритет е подготовка за упис на некој од факултетите на МГУ.
6. Повеќе од три децении со универзитетот раководи академик Виктор Садовничи
Од 1992 година Виктор Садовничи е незаменлив ректор на Универзитетот. Во 1963 година дипломирал на Механичко-математичкиот факултет при МГУ (поради тоа студентите на другите факултети често се љубоморни затоа што им се чини дека Садовничи повеќе го сака „мех-мат“ од другите факултети и му посветува поголемо внимание).
Садовничи е и на чело на Рускиот сојуз на ректори и е почесен професор на многу странски универзитети од САД до Јапонија. Носител е на голем број државни признанија и награди. Покрај тоа, по него е именуван астероид (Sadovnichij), како и еден вид дрвенолик божур (Академик Садовничи).
7. Дипломците на МГУ добија 11 Нобелови награди
Во моментов, на МГУ студираат околу 40.000 студенти (од кои речиси 4.000 се странски студенти од 80 земји). Не може да се изброи вкупниот број на дипломирани студенти на Универзитетот од неговото основање. Само во редакцијата на Russia Beyond има десетина дипломци на МГУ (најмногу од Факултетот за новинарство).
Луѓето кои дипломирале на МГУ стануваат познати политичари, бизнисмени, спортисти, писатели и новинари, и секако, истакнати научници. Тие добиваа различни значајни признанија, а 11 дипломци ја добија Нобеловата награда во различни области:
- Николај Семјонов (за хемија 1956 година),
- Игор Там и Иља Франк (за физика 1958 година),
- Борис Пастернак (за литература 1958 година),
- Лав Ландау (за физика 1962 година),
- Александар Прохоров (за физика 1964 година),
- Андреј Сахаров (за мир 1975 година),
- Петар Капица (за физика 1978 година),
- Михаил Горбачов (за мир 1990 година),
- Виталиј Гинзбург и Алексеј Абрикосов (за физика 2003 година)