Летото е на прагот, а вашите деца наскоро ќе тргнат на распуст. Доколку размислувате како да го организирате нивното слободно време, Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје има решение за вас. Имено, како што велат оттаму, поради големиот интерес за изучување на рускиот јазик од страна на деца од школска возраст, Рускиот центар при УКИМ решил да организира бесплатни курсеви токму за оваа категорија.
Право на учество на конкурсот имаат ученици од основното училиште на возраст од 6 до 15 години. Наставата ќе започне на 11 јуни и ќе трае до крајот на летото. Предвидено е формирање на повеќе групи во согласност со возраста на кандидатите. Наставата ќе се одржува двапати неделно во периодот по 17 часот. Пријавувањето на кандидатите ќе се одвива во просториите на Рускиот центар при УКИМ на 1 и на 4 јуни 2018 година од 17 до 20 часот.
„За време на уписите за бесплатните курсеви по руски јазик минатата година имаше многумина кои беа заинтересирани за своите деца. Во тој момент не бевме подготвени да одговориме на нивните барања, со оглед на тоа дека беше потребно да се состави и да се утврди соодветна програма за децата. Затоа решивме нивната желба да ја оствариме ова лето, кога тие немаат обврски на училиште и можат да се посветат на изучувањето на рускиот јазик. Според програмата, наставата ќе биде организирана во повеќе групи, зависно од возраста на децата“, велат за Russia Beyond-Македонија од Рускиот центар при УКИМ.
Ова е првпат да се организираат часови по руски јазик за деца ви Република Македонија со програма која е наменета за различни возрасни групи. „За мене претставува вистински предизвик тоа што ќе работиме со деца. Досега сме имале искуство со средношколци и со возрасни, но се надевам дека со децата ќе поминуваме поинтересни моменти. Се надевам дека и ним ќе им биде исто толку интересно, со оглед на тоа дека развивме интерактивна програма која е прилагодена на определена возрасна категорија. Можам да кажам дека со нетрпение очекувам да започнеме“, вели Дарко Несторов професор по руски јазик во Центарот.
Од Рускиот центар при УКИМ информираат дека и летово ќе продолжат со редовните настани, а исто така најавуваат и нов конкурс за бесплатни курсеви по руски јазик за возрасни на самиот почеток на септември.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче