Руски центар во Скопје, Македонија.
Руски центар, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, МакедонијаСо почетокот на новата академска година започнуваат и активностите на Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во изминативе две години оваа институција се покажа како многу ангажирана и многу посветена во полето на унапредувањето на рускиот јазик, литература и култура, но и на Русија во целина.
Како и минатата, така и во оваа учебна година планирани се бесплатни курсеви по руски јазик за сите заинтересирани граѓани на Република Македонија. Идејата е, како што велат од Рускиот центар при УКИМ, да им се даде можност на сите оние што се заинтересирани за изучување на рускиот јазик да можат да го сторат тоа сосема бесплатно. Минатата година на бесплатните курсеви по руски јазик се пријавија без малку 1.000 кандидати и сите беа прифатени, а голем дел од нив успешно го завршија првиот турнус. Оваа година Рускиот центар повторно распиша конкурс за бесплатни часови по руски јазик, со што повторно презеде уште една сериозна обврска врз себе, а сè со цел да се задоволи интересот на граѓаните на Република Македонија.
Право на учество на конкурсот имаат сите граѓани на Република Македонија. За пријавување потребно е да се пополни пријавата која може да се најде на Интернет-страницата на Универзитетот ukim.edu.mk во секцијата „Вести“. Пополнетата пријава може да се испрати по електронски пат на и-мејл адресата: ruskicentar@ukim.edu.mk или да се поднесе лично во просториите на Рускиот центар на бул. Теодосиј Гологанов бр. 28, трети кат на 4 и на 5 септември од 17 до 20 часот. Кандидатите кои ќе аплицираат за повисок степен од кое било од трите рамништа потребно е да достават и копија или скенирана копија од сертификат за соодветно претходно ниво издаден од Рускиот центар при УКИМ или од други институции. Крајниот рок за поднесувањето на пријавата е 5 септември до 20 часот.
Покрај бесплатните курсеви по руски јазик, Рускиот центар за студентите-русисти од Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје организира и учество на VI Меѓународен фестивал на студенти кои го изучуваат рускиот јазик „Другари, прекрасен е нашиот сојуз!“ што оваа година ќе се одржи во Варна, Република Бугарија, во периодот од 11 до 16 септември во организација на фондацијата „Руски мир“. На Фестивалот учество ќе земат шестмина македонски студенти, а ова е првпат делегација од Република Македонија да земе учество на овој фестивал.
Од Рускиот центар при УКИМ исто така најавуваат дека во периодот од 27 до 29 септември ќе се одржи и меѓународната конференција со наслов „Рускиот јазик, литература и култура во Република Македонија: минато, сегашност, иднина“, а која е посветена на 70-годишнината од наставата по руски јазик на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје. Работата ќе биде поделена во четири секции и тоа лингвистика, литература и култура, превод и секција за методика на настава по руски јазик. Организаторите очекуваат оваа меѓународна конференција да предизвика интерес кај научната јавност, како од Македонија, така и од странство.
Покрај многуте настани што секоја година ги организира Рускиот центар при УКИМ, од оваа година започнуваат да работат и две работилници – преведувачка и лексикографска – што ќе биде од голема полза за русистите од Македонија. Исто така е планирано одбележување на повеќе јубилеи, проекции на филмови, настани наменети за најмладите, како и заедничко прославување на традиционалните руски народни празници. Од Рускиот центар при УКИМ се надеваат дека оваа богата програма ќе ги задоволи потребите на граѓаните на Република Македонија, но во исто време ветуваат дека ќе продолжат со унапредување на програмата и со воведување на нови содржини.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче