„Вашингтон Пост“: Во Русија мислат дека Вашингтон полудел

„Вашингтон Пост“ пренесува мислења на руски експерти за истрагата за „руската вмешаност“ во изборите во САД.

Кога руски официјални претставници и аналитичари зборуваат за американската истрага за наводните хакерски напади врз претседателската кампања од 2016 година, во нивните разговори доминираат две теми. Ним им ласка тоа што нивната земја ја сметаат за толку силна и страшна. А ги чуди тоа што САД толку се импресионирани од овој скандал, пишува „Вашингтон Пост“.

Се разбира, ова е официјалната линија, но до исто гледиште се придржуваат и некои критичари на власта. Луѓето не можат да поверуваат во толку острото свртување на тркалото на среќата: по неколку години на понижување Русија повторно стана сила во глобални рамки. А САД, кои долго време беа супериорни во однос на сите други суперсили, денес се поделени, дезориентирани и, како што сметаат Русите, ретерираат.

Верзијата на Кремљ ја застапува Сергеј Караганов, кој е на чело на рускиот Совет за надворешна и одбранбена политика. Својата реакција на истрагата тој ја опишува вака: „Тоа е мешавина од гадење и сочувство. Гадењето е предизвикано од фактот дека има 99% лаги и измислици, а можеби и 100%. А што е однесува до сочувството, тогаш тоа е страшната слика, кога една голема демократија се убива себеси, вршејќи колективно самоубиство“.

Во неговите зборови има нескриена злорадост, иако официјалните лица зборуваат за претерана реакција на САД. „Би бил горд и среќен ако властите на мојата земја со помош од хакери навлегле [во вашиот систем] и покажале дека живеете во кристален замок и не треба да се мешате во туѓи работи“, изјави Караганов, кој не само што раководи со аналитички центар, туку е и неофицијален советник на Кремљ.

Рускиот претседател Владимир Путин во секој случај добива, смета независниот аналитичар Андреј Колесников, виш истражувач во Московскиот Карнеги центар. "„Ако ние навистина сме се мешале во вашите избори, тогаш, ние сме ја покажале својата моќ. Ако немало мешање, значи, чисти сме“.

Русите се изненадени колку брзо по изборот на Доналд Трамп се распаѓа светскиот поредок предводен од САД. Руските раководители беа ужаснати од Хилари Клинтон и го фаворизираа Трамп. Но, дури и во најтемните и најмрачни ходници на Кремљ советниците на Путин едвај можеа да си претстават дека претседателот Трамп ќе се покаже како толкава деструктивна сила и дека реакцијата на него ќе биде променлива. Русите се навикнаа на фактот дека САД ги заплашуваат и принудуваат, но никогаш не замислуваа дека оваа земја е толку кревка.

„Ние мислиме дека Вашингтон полудел“, изјави поранешниот руски владин службеник Андраник Миграњан, кој предава прашања на политиката на САД. „Американската историја беше секогаш историја на самодоволноста. А денес сме сведоци на чувство на ранливост“. Тој го смета изборот на Трамп за „смена на парадигмата“ за Америка, која се покажа како многу повеќе поларизирана и послаба отколку што мислеше нејзината елита. Според него, сега дојде часот на расчистување на сметките.

Се чини дека Русите треба да се срамат од обвинувања на нивна адреса за обид да се поткопаат изборните кампањи во САД и Европа. Но, сѐ е спротивно. Миграњан вели: „Вие нѐ уверувате дека Путин е семоќен, дека може да направи сѐ што ќе посака: да мести избори, да ја промени Европа, сѐ што сака“.

Караганов смета дека Трамп наликува на Борис Елцин, меѓутоа е и многу храбар поради предизвикот што ѝ го упати на американската политичка ортодоксија, повикувајќи на подобрување на односите со Русија.

Според Кремљ, главната доблест на Трамп е во тоа што тој ѝ го препречи патот на Хилари Клинтон, кој беше персонификација на агресивната интервенционистичка политика за заштита на демократијата, сметајќи ја Русија како смртна закана. „Ние ја сметавме за 100 посто опасна. Во случај на нејзина победа, јас ѝ дадов препорака на владата: ставете ги нуклеарните сили во состојба на борбена готовност, за да знаат“.

Путин оваа недела е на Петербуршкиот меѓународен економски форум, кој малку наликува на Давос, со гордост демонстрирајќи ја новата сила на Русија. Тоа не е парада на победата, но потполно може да стане тоа. Според Путин и неговите сојузници, фалениот „либерален светски поредок“ на Америка се распаѓа на делови.

„Таквиот поредок нам не ни се допаѓаше и ние имаме намера да завршиме со него“, изјави Караганов, пренесува ИНОсми.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња