Лидерите на западните земји интензивно ги следат потезите на Турција по обидот за воен удар и се плашат дека Анкара ќе го избере рускиот правец на развој на надворешната политика, пишува британскиот весник „Фајненшел Тајмс“.
Реџеп Таип Ердоган неделава ќе замине во прва посета по обидот за преврат во земјата, давајќи им на тој начин на западните партнери јасен сигнал, смета авторот на статијата. Наместо да се сретне со сојузниците во НАТО, турскиот претседател ќе го посети Владимир Путин.
„Како на Запад, тако и во Русија се обидуваат да одговорат на прашањето кој правец ќе го избере Ердоган по неуспешниот пуч. Затоа претстојната средба во Санкт Петербург има пошироко геополитичко значење“, се истакнува во материјалот.
Зближувањето меѓу Москва и Анкара почна во јули, уште пред обидот за државен удар, кога Кремљ го прими извинувањето на Ердоган во врска со соборувањето на бомбардерот Су-24. Во текот на неколкуте дена по писмото, претставниците на двете земји почнаа преговори за укинување на санкциите кои по инцидентот Русија ѝ ги воведе на Турција.
„Оттогаш прашањата од пошироко значење ги поттикнаа Москва и Анкара да се приближат една на друга, вклучувајќи ја желбата да му одржат на Западот лекција, како и заедничките интереси во сферата на регионалната безбедност. Анкара исто така го цени тоа што Москва безусловно ја поддржа Анкара по неуспешниот преврат во земјата“, пишува весникот.
Овој тон е спротивен на реториката на Анкара во односот спрема нејзините сојузници. Ердоган повеќепати ги критикуваше САД поради нивната реакција на обидот за преврат, како и нивното одбивање да го испорачаат Фетула Ѓулен, кого Турција го сомничи за вмешаност во организирањето на превратот. Ердоган исто така изјави дека „сценариото“ за превратот е „напишано надвор од границите“ на Турција.
Според податоците на британскиот весник, турските дипломати во приватните разговори велат дека Анкара и Вашингтон имаат силни врски и дека Турција нема намера да ги влошува односите со САД. Меѓутоа, продолжува авторот, американските претставници се плашат дека Ердоган би можел да ја искористи Русија како средство за притисок во односите со Западот.
Притоа Турција се надева дека Москва ќе ја ослаби поддршката за Курдите, иако некои експерти за надворешна политика сметаат дека било какво преиспитување на стратегијата во Сирија ќе биде „тешко изводливо” во пракса.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче