Зошто Ердоган му се извини на Путин

AP
Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган му се извини на претседателот на Русија Владимир Путин за уривањето на рускиот бомбардер Су-24 на небото над Сирија, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков. Според експертите, Ердоган се решил на ваков чекор поради влошените односи со Европската Унија поврзани со бегалците и поради економските последици од раскинувањето на односите со Москва.

Во писмото од Ердоган до Путин, кое Кремљ го обелодени на 27 јуни, се изјавува извинување за соборениот руски бомбардер Су-24 кон крајот на ноември 2015 година во Сирија.

„По инцидентот со Су-24, Турција во својата надворешна политика се обидуваше да најде 'сојузници' во врска со ова прашање за сметка на играта на противречностите помеѓу Европската Унија и Русија“, вели во интервју за „Руска реч на македонски“ раководителот на Центарот за меѓународна безбедност при Институтот за светска економија и меѓународни односи на РАН Алексеј Арбатов.

Според него, економската и политичката ситуација во земјата ја принудила Анкара да ја смени својата позиција: финансиската криза и раскинувањето на односите со Москва мошне негативно се одразија врз буџетот на земјата.

„Згора на тоа тука е уште и ситуацијата со бегалците: неопходноста од задржувањето на приливот на мигранти во Европа, проблемот за компензација на Анкара (за бегалците), излегувањето на Велика Британија од ЕУ, кое е поврзано умено со приливот на мигранти и одбивањето Анкара да се прими во европското семејство и, како последица на тоа, заладување на односите со Брисел“, забележува експертот.

Криза во внатрешната политика на Турција

Обновувањето на односите со Русија ќе овозможи безбедност во регионот и ќе реши низа вистински проблеми со кои денес се судрува Турција, смета турскиот политиколог Хакан Аксај.

Така, во последната половина година Турција преживеа серија терористички напади од страна на бунтовниците од Работничката партија на Курдистан, а исто така и мноштво обвинувања за нарушување на човековите права и на сексуалните малцинства во земјата.

„Во врска со ова, Ердоган реши да ја среди ситуацијата барем на еден од фронтовите и да се извини, со надеж дека наскоро со Москва ќе може да ги обнови заедничките проекти“, смета експертот

Според Алексеј Арбатов меѓу проектите е обновувањето на туризмот, укинувањето на санкциите за испорака на земјоделски производи, продолжување на изградбата на атомска централа на југот на Турција чија вредност надминува 20 милијарди американски долари, а исто така и продолжување на проектот Турски тек. „Русија ќе направи определена пауза, таа нема да се фрли во прегратките на Турција. Ќе започне етапно омекнување на конфронтацијата со Турција“, вели експертот.

Политичка победа на Москва

Писмото од турскиот лидер со извинување до Владимир Путин претставува политичка победа на Москва и на земјите кои сакаат да соработуваат со Русија, смета деканот на Факултетот за светска политика и економија при Вишата школа за економија Сергеј Караганов.

„Непријателството помеѓу двете земји предизвика загуби за Блискиот Исток и за процесот на обновување во регионот. Одлуката за помирување со Москва одамна зрееше и за неа се дебатираше кај турското раководство. Конфронтацијата во врска со прашањето во која Турција реално нема право не одговараше на ничии интереси“, вели Караганов.

Важна улога во нормализацијата на односите на двете земји одигра Израел, смета раководителот на турскиот Центар за стратешки истражувања на Кавказ Хасан Октај. „Имено посетата на премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху на Москва може да се смета како стартна точка во нормализацијата на односите помеѓу двете земји. Сега Анкара треба да започне преговори со руската страна за компензација на семејствата на загинатите, онака како што Турција се договараше со Израел. Нормализацијата на односите, како со Русија, така и со Израел е неопходна за целиот свет и за стабилноста на регионот“, забележува турскиот аналитичар.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња