На московскиот аеродром Шереметјево, денес за Рио свечено беше испратен олимпискиот тим на Русија, соопшти „Известија“. На Игрите 2016 година заминаа околу 70 спортисти, вклучувајќи ги и машкиот и женскиот одбојкарски тим, женскиот ракометен тим, како и натпреварувачите во бокс, синхроно пливање и пинг-понг.
На настанот присуствуваше претседателот на Рускиот олимписки комитет Александар Жуков.
„Го чекавме овој ден со нетрпение, возбудени сме. Сами знаете каква е ситуацијата. Но, сега сите сомнежи исчезнуваат: рускиот тим оди на Олимпијадата. Целата земја ќе е возбудена два пати повеќе од претходно“, рече Жуков. Тој изрази увереност во претстојните победи на руските олимпијци.
„Многу сакам спортистите да не подлегнуваат на провокации и на инсинуации, за да ги остварат своите цели. Секој од вас е достоен за награда“, додаде тој.
Жуков истакна дека Рускиот олимписки комитет ќе направи сé што е можно учеството на спортистите во Олимпијадата да е удобно и им посака „успеси, среќа, без повреди и да се вратат со медал“.
Жуков откри дека конечниот состав на Рускиот тим на Олимпијадата во Рио ќе биде објавен на 30-31 јули.
„Во наредните денови ќе кажеме колку вкупно луѓе ќе заминат. Нема конечен состав во двата вида веслање и уште неколку екипи. Но, ние имаме силен тим. Овие спортисти кои се во светската елита, ќе се борат за победа“, рече Жуков.
„Можам да кажам едно: никогаш немало никакви државни програми за поддршка на допинг. Имаме нулта толеранција за допингот“, истакна тој.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче